Берлин во обид да ги приближи позициите на Скопје и Софија


По извесниот напредок постигнат  во Берлин на средбата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на димпломатијата Бујар Османи со министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева на инцијатива на нивниот германски колега Хајко Мас, продолжуваат дипломатските напори во насока на приближување на ставовите на двете страни со цел овозможување на одржување на првата Меѓувладина седница со ЕУ за време на германското претседателство.

Захариева вчера во изјава за бугарските медиуми потврди дека бил постигнат одреден напредок во однос на отворените прашања, но оти се уште не се во можност да ја одобрат рамката за преговори за Македонија. Софија рече таа има забелешки на „екстремно и систематско непочитување“ на Договорот за поријателство, за „неподготвеност на Македонија да се придржува до формулата за јазик во договорот“, како и за нездоволителното темпо на работа на Заедничката историска комисија која не работеше речиси една година. Појасни дка има одреден напредок во однос на отворените прашања во Берлин за Македонија како што е користењето на краткото име на Северна Македонија.

Од македонската страна, пак, беше изразен воздржан оптимизам дека честите контакти и средби на високо ниво со Бугарија водат кон приближување на позициите. Се изразува благодарност до Германија како претседавач со ЕУ за засилениот ангажман за исполнување на заедничката цел: одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ и се укажува на посветеноста на земјата на Договорот од 2017 година кој, велат, нуди рамка и инструменти за менаџирање на билатерални прашања.

– Убедени сме дека нашите три цели: грижата за националниот интерес и правото на самоопределување на македонскиот народ, нашата европска иднина и отворањето на пристапните преговори со прва меѓувладина конференција во декември и добрососедски односи врз основа на взаемно разбирање и почитување не само што не се спротивни една со друга, туку се целосно компатибилни, нагласуваат од Владата.

Обидите на Северна Македонија и Бугарија да ги приближат позициите во однос на недоразбирањата што настанаа изминатиот период, а во насока да се овозможи одржувањето на првата Меѓувладина конференција меѓу земјава и Европската унија вчреа беа тема и на видео-конференциски состанок на бугарскиот премиер Бојко Борис со германската канцеларка Ангела Меркел.

-Се заблагодарив за нејзината лична заложба и онаа на германското претседателство за барање формули за да се овозможи почеток на преговорите на Република Северна Македонија за членство во ЕУ. Верувам дека со помош на Германија, особено за време на нејзиното претседателство Советот на ЕУ ќе се донесат силни и правилни одлуки, напиша Борисов на својот фесбук-профил за разговорот, кој траел 40 минути.

Со германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе разговара и македонскиот премиер Зоран Заев. Тој вчера изјави дека гледа оптимизам и во обраќањето на Захариева, но и во фејсбук статусот на премиерот Бојко Борисов. Истакна дека е добредојдена помошта од Германија и оцени дека даваат резултати честите комуникации помеѓу работните групи и минситрите од двете страни, бидејќи се работи за две пријателски земји.

–Република Северна Македонија треба да ги отвори поглавјата преку првата меѓувладина конференција. Се трудам да има целосно разбирање. Двете страни сакаат да има решение, рече Заев.

Во дипломатските напори се вклучи и  претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер кој вчера телефонски разговараше со неговиот македонски колега Стево Пендаровски. По конструктивните разговори во Берлин, Штајнмаер изразил надеж дека во рамки на германското претседателство, до крајот на годинава, официјално ќе започнат преговорите на ЕУ со нашата држава, За билатералните прашања истакнал дека треба да се решаваат во духот на добрососедството и на европските вредности, а за историските прашања кои се предмет на работа на Мешовитата комисија понудил помош.

Со свој став за актуелните интензивни дипломатски активности на релација Скопје – Софија се јави и бугарскиот претседател Румен Радев. Тој вчера на неговиот фесјбук-профил објави  дека очекува бугарската Влада да се избори во членот 35 од преговарачката рамка за Република Северна Македонија да ја вклучи националната рамковна позиција усвоена едногласно од Народното собрание пред една година.

-Сепак, ова изгледа сè поневеројатно и има еден исход – одложување на преговорите до чист законски обврзувачки билатерален договор меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за расчистување на сите билатерални прашања, смета Радев.

Очекување дека разликите меѓу Скопје и Софија ќе бидат надминати и дека С Македонија до крајот на годинава ќе ги отпочне преговорите со ЕУ изјави и поранешниот американски заменик помошник државен секретар Хојт Ји, кој сега е дел од Изборниот штаб на демократскиот претседателски кандидат. Според него,  Џо Бајден ако биде избран за претседател на САД ќе ја поддржи интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија,

Дипломатски извори од земји членки во Брисел за МИА, пак, објаснуваат дека сѐ уште се води битка на амбасадорско ниво од страна на Бугарија во нацрт заклучоците за преговарачката рамка да влезат дополнителни забелешки, но, барем засега, бугарските барања не се прифатени, јави дописничката на МИА од Брисел. Ако се постигне договор денеска амбасадорите на земјите членки ќе можат да ја усвојат преговарачката рамка, во спротивно тие повторно ќе се состанат на оваа тема в петок, со надеж дека до тогаш ќе се надминат разликите и ќе се отвори патот министрите на 10 ноември да дадат зелено светло на документот.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ на последниот состанок минатата недела усогласиле текст за преговарачката рамка со Северна Македонија, во која не фигурираат барањата на Софија поврзани за јазикот, идентитетот и историјата, но Бугарија продолжува да лобира за измени, објаснуваат од Советот на ЕУ за МИА.

На седица на собраниската Комсија за надворешна политика денеска на дневен ред е  Утврдување на национален став во врска со позициите на официјална Софија по однос на македонските ЕУ-интеграции, засновани на Објаснувачкиот меморандум усвоен од страна на Република Бугарија.