Берлин: Вавилон денес живее во Пергамон
Германија- Монументалноста е она што го прави посебен музејот „Пергамон“ во Берлин, кој важи за еден од најфасцинантните и најпосетени музеи во светот, каде што редиците се вообичаен декор. За разлика од, на пример, „Лувр“ во Париз, или „Ермитаж“ во Санкт Петербург, каде што се изложени слики, скулптури и други ситни предмети, во „Пергамон“ се изложени цели делови од градови, и тоа не кои било туку од најстарите во светот, од Вавилон, од Асирија, од Милет, од Месопотамија… Свечената осма порта на Вавилон, Иштар портата, е сведок за величественоста на архитектурата во минатото што остава без здив и денес. Градот Берлин изгради целосно нов музеј за да ја смести оваа порта од 5 век пред нашата ера, бидејќи стариот немаше просторија со таков формат која би ја покажала целата нејзина голема и уметничка раскош. Тула по тула, германските археолози го откопувале овој прастар историски објект и со дозвола на Отоманската Империја го донеле во Берлин, така што тоа што го има денес овој град го нема и на местото каде што постоел Вавилон. Чувството дека денес поминувате низ вратата низ која поминувале свечени кралски поворки пред повеќе од 25 века не може да ве остави рамнодушен.
Во „Пергамон“ е и вториот монументален антички споменик, Алтарот од грчкиот град (во денешна Турција) Пергамон, кој бил собран во илјадници парчиња и составен во оригиналната верзија во Берлин. Споменикот е дел од Акрополот на Пергамон и е толку монументален што целиот музеј е именуван по него. Висок е, патем, 35 метри и широк 33 метри. Нему друштво во музејот му прави Портата за пазарот на Милет, исто така антички грчки град од денешна Анатолија, широк исто така триесетина метри и висок „само“ 16 метри. Како куриозитет, тука е и еден од двата камени записи од „Епот за Гилгамеш“.
Музејот „Пергамон“ има и дел за исламската култура од регионот околу Турција и Јордан, при што највпечатлива е фасадата Мшата од Јордан, дел од пустинската палата од 8 век која фасцинира со резбата во камен.