Берлин со мерки против епидемија на осаменост


Германија размислува за воведување посебен оддел во рамки на Министерството за здравство, кој би се грижел за проблемите на осамените граѓани, објави денеска „Велт ам Зонтаг“.

– Досега многу малку внимание се посветуваше на болестите предизвикани од осаменоста: едно неодамнешно истражување покажа дека осаменоста често предизвикува психички болести како што се депресија, анксиозност, но и болести на кардиоваскуларниот систем, изјави заменикот-шеф на пратеничката група на социјалистите Карл Латербах.

Поради тоа, тој бара по примерот на Велика Британија, да се воведе посебно тело при Министерството за здравство кое ќе се занимава со осаменоста и со штетите кои таа појава ги нанесува на општеството.

Идејата за основање такво тело ја поддржа и пратеникот од редовите на владејачката Христијанско-демократска унија Маркус Вајнберг.

– Мора да има повеќе места и програми кои на осамените луѓе би им овозможиле повторно вклучување во општествениот живот, истакна Вајнберг.

Марија Клајн-Шмајнк, од редовите на Зелените, бара да се изработи студија за трошоците за воведување дополнителни мерки за борба против штетата предизвикана од осаменоста.

– Поаѓам од тоа дека секоја инвестиција во борбата против осаменоста се исплати, истакна таа за „Велт ам Зонтаг“.

Весникот наведе дека бројот на осамените жители во индустриски развиените земји се зголемува до таа мера што експертите зборуваат за „епидемија на осаменост“.