Берлин сака почеток на преговорите на Македонија со ЕУ до крајот на годинава


Споровите во регионот на Западниот Балкан, вклучително и оној меѓу Северна Македонија и Бугарија, што би можеле да влијаат на членството во ЕУ, треба да бидат решени во духот на добрососедските односи, смета директорката за Балканот во германското Министерството за надворешни работи, Сузане Шутц.

– Предлог рамката за преговори (за членство), предложена од Европската комисија на 1 јули ја нагласува заложбата за добрососедските односи и поблиска регионална соработка, како и важноста за постигнување на видливи резултати и спроведување на билатералните договори со добра волја, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција и Договор за добрососедски односи со Бугарија, вели Шутц во интервју за БИРН.

Според неа, формулата во договорот меѓу земјава и Бугарија, усогласен од премиерите на двете држави Зоран Заев и Бојко Борисов, според која, историјата треба да им се остави на историчарите, и натаму останува во игра.

– И двете земји треба да ги решат отворените прашања во рамките на билатералниот договор, на пример преку комисијата на историчарите, додава Шутц.

Таа потенцира дека заедничкото копретседавање на Скопје и Софија со Берлинскиот процес во текот на оваа година претставува многу добра можност за надминување на билатералните разлики, дополнително продлабочување на соработката во регионот на Западен Балкан и зајакнување и проширување на меѓусебната доверба.

Според Шутц, Германија има за цел да ги финализира преговарачките рамки и да ја одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, доколку се исполнети условите, исто како и со Албанија, во текот на германското претседавање со ЕУ во втората половина од оваа година.

– Западниот Балкан е високо на агендата на германското претседателство со Советот на ЕУ, но конкретниот напредок на државите кон интеграцијата во ЕУ – од започнувањето на преговорите, до отворањето на поглавјата – зависи од нивната заложба за владеење на правото и слободата на медиумите, додава Шутц.

Според неа, Германија сака да види „обновен интензитет“ во односите меѓу ЕУ и Западниот Балкан, особено по одлуката на Советот на Унијата за отворање рна преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија и усвојувањето на пакетот помош од 3,3 милијарди евра за земјите од регионот за ублажување на последиците од пандемијата со коронавирусот.

– Ние сакаме да ја одржиме оваа позитивна динамика. Ова значи, пред се, и понатаму да се постават темелите за пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија преку финализирање на преговорачките рамки. Работиме напорно со нашите партнери во ЕУ и со Северна Македонија и со Албанија за постигнување на оваа цел, додава Шутц во интервјуто.