Берлин подготвил нон-пејпер, Захариева го прифатила, но Софија потоа го отфрлила

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, и неговата бугарска колешка, Екатерина Захариева

Нон-пејперот за кој се договориле двете страни го објавува познатиот австриски новинар Кристијан Вершуц. Тој тврди дека на состанокот на министрите во Берлин минатиот понеделеник претседавала Ангела Меркел. Овој нон-пејпер не засега ништо од македонскиот идентитет, јазик и не се занимава со историјата

 

Познатиот автстриски новинар, Кристијан Вершуц од државата австриска телевизија ОРФ денеска објави дека на средбата минатиот понеделник во Берлин Екатерина Захариев, Никола Димитров и Бујар Османи, со посредство на Хајко Мас и Михаил Рот, договориле нон-пејпер со кој ќе се отстрани блокадата на Бугарија за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија, но потоа од необјасниви причини Софија го отфрлила и се вратила на својата блокирачка позиција.

Вершуц на Фејсбук пишува и дека со состанокот во Берлин наводно претседавала канцеларката Ангела Меркел, по што призлегол нон-пејперот чии точки тој ексклузивно ги објавува. Во овој нон-пејпер се наведува дека Бугарија прифаќа да даде согласност за рамката за преговори и дека мостот што го изградил Берлин на кој треба да се најдат двете држави не засега ништо од македонскиот идентитет, јазик и не се занимава со историјата.

Вершуц е многу добро информиран новинар кој зборува осум јазици и е врвен стручњак за настаните во регионот. Прогласуван е и за новинар на годината во Австрија, така што неговите информации секогаш биле земани како точни.

Според овој документ, Скопје се согласува официјално да објави пред земјите-членки на ЕУ и институциите дека краткиот облик на државното име – Северна Македонија – се однесува само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“. Потоа, дека Бугарија го задржува правото да приложи своја еднострана изјава на рамката за преговори, но не станува збор да се отвори ново поглавје во преговорите (35-то, како што изјавуваше бугарскиот претседател Румен Радев). Потоа, дека Германија ќе му предложи на Советот на ЕУ да ја забележи позицијата на Софија што се однесува на македонскиот јазик дека кога се споменува тој да биде во согласност со Уставот на РСМ, а Скопје од своја страна официјално да изјави дека јазикот е кодифициран во 1945 година. Македонија секогаш во сите децении наназад изјавувала дека македонскиот литературен јазик е кодифициран во 1945 година.

Особено внимание во овој нон-пејпер ѝ се посветува на работата на заедничката историска комисија. Германското претседателство бара таа да ги објави резулатите до кои што досега стигна, а Берлин е подготвен да помогне во нејзината работа со „со споделување на најдобрите практики за методите на работа“.

Нон-пејперот што го објавува новинарот Вершуц и податокот дека Захариева го прифатила, па по нејзиното враќање властите во Софија го одбиле, на одреден начин го навести претседателот Стево Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени“, велејќи дека според неговите информации Софија неочекувано се повлекла од она што било договорено во Берлин. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во телефонскиот разговор со Пендаровски минатата недела исто така му понудил Германија да учествува со свои историски експерти во работата на историската комисија, што има своја потврда и во нон-пејперот.

Еве ги точките од нон-пејперот што ги објавува Кристијан Вершуц:

  1. Бугарија, Македонија и Германското претседателство со ЕУ ја истакнуваат нивната заедничка посветеност на перспективата на ЕУ за Западен Балкан и на кредибилна политиката за проширување на ЕУ, како и за интензивирање на регионалната соработка, што сето тоа е клучно за стабилноста на регионот.
  2. Во овој дух, Бугарија ја потврдува својата подготвеност да се согласи за рамката за преговори ЕУ – Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција во декември 2020 година за време на германското претседателство со Советот на Европската унија.
  3. По повод првата меѓувладина конференција, МКД официјално ќе објави пред земјите-членки на ЕУ и институциите дека краткиот облик на нејзиното државно име – Северна Македонија – се однесува само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“.
  4. Бугарија го задржува правото да биде приложена еднострана изјава кон рамката за преговори, да изјави дека кога се повикува на македонски јазик, го разбира македонскиот јазик во согласност со Уставот на Република Северна Македонија. Германското претседателството на ЕУ ќе побара од Советот официјално да ја забележи позицијата на Бугарија дека кога се однесува на македонскиот јазик, тоа треба да се разгледа во согласност со Уставот на Република Северна Македонија. МКД е подготвена официјално да објави дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година.
  5. Бугарија и Македонија ја потврдуваат нивната подготвеност да ја интензивираат нивната блиска билатерална соработка врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, со посебен фокус на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, што треба да биде интензивирана и направена потранспарентна, вклучително и со објавување на постигнатите резултати. Германското претседателство изјавува подготвеност да ја поддржи работата на Комисијата со споделување на најдобрите практики за методите на работа.
  6. БГР и МКД официјално ќе го потврдат членот 11 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, вклучително и прашањата за малцинството и повторно ќе се обврзат да преземат ефикасни мерки за спречување на пропаганда со лоша намера од страна на институциите и агенциите и да ги обесхрабри активностите на приватните субјекти за поттикнување насилство, омраза и други слични активности што можат да бидат штетни за нивните односи.
  7. Бугарија, Македонија и Германското претседателство ја нагласуваат важноста на поврзаноста и инфраструктурата, особено железничката и патната врска што треба да оди од Драч преку Скопје до Софија и Варна. Тие ќе поддржат приоритетизирање на Коридорот VIII во рамките на Економскиот и инвестициски план на Комисијата на ЕУ за Западен Балкан.
  8. Бугарија и Македонија се согласуваат за важноста за поттикнување на добрососедските односи на сите нивоа, вклучително и преку размена на млади, и размислуваат да започнат заеднички проект за размена на млади, додека заеднички ќе ги испитаат понатамошните можни области за соработка за поттикнување на меѓусебното разбирање и интензивирање на билатералните контакти, вклучително и проекти за размена на медиуми и збратимување на градови.
  9. БГР, МКД и ДЕУ остануваат загрижени за тешката состојба предизвикана од пандемијата, нагласуваат дека тесната соработка меѓу соседите во рамките на ЕУ и ЕУ со земјите од Западен Балкан е клучна за заедничко надминување на кризата што го доведува во опасност нашиот просперитет, социјална кохезија и стабилност. (Н.В.)