Берлин очекува новата грчка Влада да го почитува Преспанскиот договор


Германија – Германија очекува новата грчка Влада да има конструктивна улога во процесот на нормализација на односите со Северна Македонија. Владиниот портпарол Штефан Зајберт вчера на прес-конференција во Берлин пренесувајќи ја честитката од канцеларката Ангела Меркел до новиот грчки премиер Киријакос Мицотакис, истакна дека решението на долгогодишниот спор за името од страна на владите во Скопје и Атина е историско достигнување што треба да се почитува.

– Канцеларот Ангела Меркел тоа го објасни повеќепати. Ова е достигнување што овозможи нормализација на односите меѓу Северна Македонија и Грција, и искрено се надеваме дека новата грчка влада конструктивно ќе учествува во овој позитивен процес, рече Зајберт.

Канцеларката Меркел во честитката до Мицотакис, вели дека со нетрпение очекува да се сретнат и оти се надева на блиска и пријателса соработка и продолжување на партнерските односи меѓу Германија и Грција.

Меркел му искажа благодарност и на досегашниот грчки премиер Алексис Ципрас за то што во „многу предизвикувачките години, секогаш можеле да развијат доверлива и почитувана соработка”.

Барање да се почитува Преспанскиот договор упатија и германските Зелени. Портпаролот на Зелените и пратеник во Бундестагот Мануел Сарацин изјави дека очекува од Владата на Мицотакис да ја продолжи поддршката на Северна Македонија и да не ја ризикува иднината на земјата.

– Спорот за името меѓу двете земји е решен и мора да остане така. Затоа, сите европски влади наесен треба да одобрат почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Се друго ќе биде неодговорно и недостојно за ЕУ и нејзините членки, вели Сарацин.