Берлин не сака билатералните прашања да бидат дел од преговарачката рамка

Според Мануел Сарацин, специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, ако преговарачката рамка се претвори во билатерално решение на прашањата, ќе се загрози преговарачкиот процес


Мануел Сарацин

 

Германија не е наклонета да се менува стилот на преговарачката рамка кој може да ги однесе преговорите во друга насока. Ако таа се претвори во билатерално решавање на прашањата ќе го загрози преговарачкиот процес. Ова го изјави специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин во интервју за бугарски „Дневник“.

Редакцијата напоменува дека интервјуто за време на Преспа форумот во Охрид е правено пред таканаречениот француски предлог да биде испратен во Софија. На прашањето колку Германија би била подготвена во моментов да ја промени преговарачката рамка за да исполни некои од барањата на Бугарија, Сарацин одговара:

„Ја знаете јасната позиција. Ние сме скептични за промена на рамката. Минатата недела бев во Софија двапати и мојата порака беше јасна дека е важно за нашите граѓани да нема нов стил на преговарачка рамка кој ќе ги постави идните преговори во друга насока. Така, ако тоа се претвори во билатерално решение на прашањата, ќе се загрози преговарачкиот процес, а тоа не одговара на бугарскиот интерес. Бугарија сака да го протурка својот интерес за Северна Македонија, но исто така е заинтересирана шемата за проширување да функционира и мислам дека не би сакала да го одложува секое поглавје, кластер итн. Не мислам дека тоа би било во интерес на владата, а и ја дели вашата земја.

Ако сакате да дојдете до решение, можеби не од 50 проценти, но сепак прифатливо, ќе биде тешко за сите. Никој нема да биде задоволен, Северна Македонија не, можеби Бугарија во таква етапа, а можеби и Германија. Но, за нас не е проблем да се држиме на таа позиција“.

Сарацин се надева дека Советот на ЕУ ќе испрати позитивен сигнал за проширување со јасно ветување за полноправно членство за да се отворат преговорите со Северна Македонија и Албанија. Според него, тоа би бил најдобар резултат.

Но тој не може да потврди дека тоа и ќе се случи. „Ајде да видиме! Можете ли да предвидите што ќе се случува во внатрешната политика на Бугарија во следните 48 часа? Можете ли да замислите дека некој може? Дури и 24 часа може да бидат долго време во политиката“, вели Сарацин.

Тој го оценува австрискиот документ за постапна интеграција како интересен за читање. Во Охрид беше и специјалниот пратеник на Австрија за Балканот и тој им го претставил на своите колеги други специјални пратеници како проект чија цел е полноправно членство. „Но треба да ни биде јасно што значи предлогот. Луѓето од Западен Балкан сакаат да ги третираат со почит на високо ниво. Никој не сака да биде член од втора рака. Дали некој сака да седи на клупата на својот фудбалски клуб? Никогаш нема да биде привлечно ако е така. Мора да биде јасно. Германија, нашиот канцелар, министерката за надворешни работи, владата, сакаат сите шест земји од Западен Балкан да бидат полноправни членки, со еднакви права, граѓани на ЕУ како нас, со целосна почит“, нагласува Мануел Сарацин.