Шуц: Македонија мора да реши каде ќе попушти околу спорот со Бугарија
Македонија мора да реши која и е црвената линија за постигнување компромис со Бугарија, во кој дел ќе попушти, а што ќе побара за возврат, со оглед дека земјата со која преговара за да и се отвори европскиот пат е членка на Европската унија.
Ова е пораката која денеска во земјава ја пренесоа двете претставнички од германското МНР, Сабине Штер, директорка за европска политика и Сузане Шуц, директорка за земјите од Западниот Балкан, кои во Скопје допатуваа од Софија, каде разговарале за закочениот пристапен процес на Македонија и на Албанија.
– Тука се работи за Европа од 21 век. Прашањата дали зборувате македонски или бугарски или руски или украински, ова е едно прашање кое што не треба да биде дискурсот кој што го имаме кога зборуваме за демократски земји – изјави Шуц.
Штер, пак, истакна дека Владата и сите проевропски сили треба да донесат одлука до каде може да оди компромисот.
-Не верувам дека ќе се прави компромис на националниот идентит, меѓутоа може да има компромиси на другите работи во однос на чекорите на пристапување, колку другиот ќе попушти, колку другиот ќе прифати – рече таа.
Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер порача дека е свесен за големиот број критики поради промената на методологијата за проширување на која Париз инсистираше, но, според него, направен е вистински потег.
– Уверен сум дека методологијата е вистинското решение. Точно е дека сега треба попрецизно да кажуваме како треба да функционира тоа, како се реализира, но едно е јасно, ако процесот не оди добро, нема вистински резултати на терен, нема да има напредок – изјави тој.
Шуц исто така порача дека војната во Украина е повик за будење на ЕУ да продолжи поодлучно со проширувањето, но и за земјите од Западен Балкан навистина да изберат дали се на страната на ЕУ или на Русија.
„Безбедносната структура изградена по Студената војна, дури и регулативата за човековите права на која што се согласивме по Втората светска војна, сето ова се уништува во моментов и ние мора да го браниме и мора да го браниме во овој регион. Ова е повик за будење и за ЕУ да продолжи поодлучно со проширувањето. Но, исто така, ова е момент за земјите од Западен Балкан да продолжат со реформите, но и навистина да изберат на која страна се. Дали сте за ЕУ или сте за Русија, против ЕУ? Ова е прашање по кое секоја земја мора да одлучи цврсто, како и секој поединец. И сите земји кандидати мора да бидат цврсто со ЕУ, бидејќи во светло на војната не може да има неутралност“, кажа Шуц, на дебатата на тема „Западен Балкан и ЕУ во контекст на новите безбедносно-политички предизвици“, организирана од Германската амбасада во Скопје.