Берлин ќе донесе „вистинска одлука“ за датумот


Портпаролот на германската влада, Стефан Зајберт, во изјава за „Независен весник“ нагласи дека германската канцеларка Ангела Меркел ќе направи сè Бундестагот да донесе „вистинска одлука“ околу препораката на Европската комисија за отпочнување преговори со Македонија, но дека не може да прецизира во која недела или месец наесен ќе се случи тоа. Одлуката на германскиот парламент беше главната пречка од „техничка природа“ поради која министрите за надворешни работи на ЕУ ја одложија одлуката за датумот на нивниот состанок во Луксембург.

За време на минатонеделниот Самит на европските лидери, Меркел порача Македонија да биде трпелива. „Ќе направам сè што можам за да се донесе таа позитивна одлука, затоа што Северна Македонија направи примерна работа со Преспанскиот договор, одлична работа, и разговаравме за ова вчера.

Станува збор за неколку недели, навистина, но нашата заложба стои и што се однесува до мене ќе ја заложам сета своја политичка тежина за ова“, одговори Меркел на новинарско прашање.