Берлин и Париз ги поддржуваат САД за глобален минимален данок на добивка од 21 отсто


Франција и Германија го поддржуваат предлогот на САД за воведување глобален минимален данок на добивка од 21 отсто, соопштија денеска министрите за финансии на двете земји.

– На луѓето им е преку глава од големите корпорации кои не го плаќаат својот дел од даноците, изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер за неделникот Цајт.

Франција неодамна спомена даночна стапка од 12,5 проценти, потсети тој.

Но, ако стапката од 21 процент предложена од Вашингтон „е резултат на преговори, тогаш би се согласиле“ со тоа, додаде францускиот министер.

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц изјави дека нема „ништо лично“ против американскиот предлог.

Двајцата министри се убедени дека договор на таа тема ќе биде постигнат „ова лето“ во рамки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Ова е првпат владите на двете земји да споменуваат поддршка за предлогот, додека во тек се преговори во рамки на ОЕЦД со цел да се постигне систем на минимално меѓународно оданочување на компаниите и да се запре фискалниот дампинг.