Берлин: Американската царинска политика е „глупост“


Германскиот министер за економија во заминување Роберт Хабек денеска изјави дека размислувањето зад царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп е „глупост“.

Претпоставката дека трговскиот суфицит или дефицит е проблем е „погрешна“, рече Хабек при пристигнувањето на итниот состанок на министрите за трговија на Европската унија во Луксембург.

Увозот од земјите на ЕУ во САД се соочува со нови царини од 20 отсто, почнувајќи од среда, потсети ДПА.

– На крајот, глобализацијата им служи на сите економии, рече тој, додавајќи дека американската економија порасна побрзо од европските економии во последните 20 години.

Хабек ги повика своите колеги од ЕУ да дејствуваат заедно и да не се обидуваат поединечно да обезбедат поповолни услови.Германскиот министер, исто така, предупреди на избрзани реакции, велејќи дека ЕУ нема временски притисок да реагира на последната рунда соопштенија за царини. 

Од Кина пак порачаа дека царините се „злоупотреба“ и дека заканите и притисоците не се начини за справување со Кина. Ова го изјави денес  портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, опишувајќи ги царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп за Кина како „навредливи“.

„Царините се „типичен унилатерализам и протекционизам, економска злоупотреба“, рече Лин Џијан за време на редовна прес-конференција. Тој додаде дека американските царини во име на реципроцитет всушност им служат само на САД на сметка на другите земји.

Минатата недела Трамп воведе нови царини од 34 отсто на кинескиот увоз, како дел од мерките што ги воведе на повеќето американски трговски партнери. Ова го зголеми вкупното ниво на царини за кинески стоки на 54 отсто, а Пекинг одговори со контрамерки.

Лин го пренасочи прашањето за потенцијалните преговори со САД на други кинески владини тела.

– Американската злоупотреба со царините ги лишува земјите, особено оние на глобалниот југ, од нивното право на развој, рече Лин, истакнувајќи ја се поголемата нееднаквост меѓу богатите и сиромашните во секоја земја и особеното влијание на царините врз посиромашните земји.Сите земји треба да се држат до консултации, заедничко одлучување и „вистинска мултилатералност“, рече портпаролот.

Тој ги повика земјите заеднички да се спротивстават на сите форми на унилатерализам и протекционизам и да го заштитат меѓународниот систем и мултилатералната трговија засновани на вредностите на Обединетите нации и Светската здравствена организација.

Во исто време малезискиот премиер Анвар Ибрахим ги повика земјите од Југоисточна Азија  да се држат заедно поради зголемувањето на царините на американскиот претседател Доналд Трамп.

„ Мораме да бидеме заедно како АСЕАН (Асоцијација на нациите од Југоисточна Азија), со население од 640 милиони луѓе, што е една од најголемите економски сили во светот“, рече малезискиот премиер за време на состанокот на неговиот кабинет.

Министрите за економија од Југоисточна Азија в четврток ќе одржат состанок на кој ќе разговараат за прашањето за царините. Малезија годинава претседава со АСЕАН. Виетнам подлежи на царини од 46 отсто за својот извоз во САД, додека соседна Камбоџа, главен производител на ефтина облека за големите западни брендови, е предмет на стапка од 49 отсто. Стапката што се применува за Малезија е пониска, 24 проценти, додека за Индонезија е 32 проценти. Како и другите членки на АСЕАН, Куала Лумпур соопшти дека нема да воведе реципрочни мерки кон САД.

„ Важно е да останеме смирени бидејќи сè што води до трговска војна не е добро за глобалната економија“, рече министерот за трговија на Малезија, Тенгку Зафрул Азиз.