Бензините поскапуваат за половина денар, цената на дизелот иста

Фото: Б. Грданоски

Бензините и Екстра лесното масло за домаќинство од ноќеска на полноќ поскапуваат за половина денар по литар, а цената на дизелот останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергатика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 58,5 денари, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 60,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 49,5 денари за литар. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), не се менува, односно останува 49,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,365 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 26,196 денари.

Како причина за промената на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемената референтна цена кај бензинот во просек за околу 1,421 отсто и кај дизелот за околу 1,816 отсто, како и за 0,469 отсто повисокиот курс на денарот во однос на доларот.