Бензема ги изостави Роналдо и Меси од својот дрим-тим


Фудбалерот на Ал Итихад, Карим Бензема го формираше својот тим од соништата. Во него нема место за најголемите ѕвезди на првите две децении од овој век, Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

Бензема во својот тим би сакал да го види Мануел Нојер како голман. Во одбрана би ги ставил: Дани Алвеш, Пепе, Серхио Рамос и Марсело. Средниот ред на дрим-тимот на Бензема би го сочинувале: Клод Макелеле, Пол Погба, Зинедин Зидан и Роналдињо. Французинот за партнер во нападот би го земал Бразилецот Роналдо.

Триесет и петгодишниот Бензема игра за Ал Итихад од јули 2023 година. Оваа сезона одигра 16 натпревари за клубот, постигна 10 гола и четири асистенции.

Во 2022 година Бензема ја освои Златната топка која француското спортско списание „France Football“ му ја доделува на најдобриот светски фудбалер за сезоната што измина.