Бенквоч: Не се знае како се потрошени парите од ЕУ за справување со енергетската криза на Западен Балкан

Македонија ги субвенционираше сите сметки за електрична енергија за домаќинства преку трансфери направени директно кон АД ЕСМ, наместо да ги насочи кон ранливи потрошувачи


Фото: Б. Грданоски

Новиот извештај од CEE Bankwatch Network објавен денес покажува дека за само околу 163 милиони евра од едната милијарда што беше најавена од Европската комисија како итна поддршка за справување со енергетската криза во земјите од Западен Балкан може да се покаже дека придонеле кон адресирање на коренот на кризата и кон спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан. Повеќе од две години откако голем дел од парите се исплатени, за најголем дел од трошењата и резултатите нема увид во јкавно објавени информации, пренесуваат од Екосвест.

Најавена во ноември 2022 година, буџетската поддршка од ЕУ за справување со енергетската криза на Западен Балкан имаше за цел да ги намали моменталните последици од кризата и да ја забрза енергетската транзиција. 500 милиони евра требаше да се исплатат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, а другата половина беше предвидена како директна буџетска поддршка за помош на ранливи категории домаќинства и мали бизниси.

Деведесет проценти од буџетската поддршка беше исплатена на земјите помеѓу февруари и мај 2023 година, а останатите 10 проценти требаше да исплатата по исполнување на предвидените активности во акцискиот план со кој средствата беа одобрени. Следењето требаше да биде засновано на индикатори, а не на трошење. Европската комисија објави индикативни планови во 2022 година, но конечните усвоени верзии за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија се чини дека се уште не се достапни.

Краткорочните субвенции за сметки за електрична енергија доминираа во предлог плановите, со нејасни резултати. Во Албанија поддршката покриваше само постојни шеми, додека Црна Гора и Србија обезбедија еднократни плаќања без никаков ефект на долг рок. Тие исто така вклучија мерки за „енергетска безбедност“ во нивните Акциски планови, вклучително и директно субвенционирање на фосилни горива преку набавка на залихи на нафта.

Северна Македонија ги субвенционираше сите сметки за електрична енергија за домаќинства преку трансфери направени директно кон АД ЕСМ, наместо да ги насочи кон ранливи потрошувачи. Ова се случувапе во период кога АД ЕСМ веќе добиваше стотици милиони евра буџетска поддршка за набавки на јаглен, мазут и гас.

Сите држави планираа субвенции за изолација, енергетски ефикасно греење и/или мали инсталации за обновливи извори на енергија, но, само Босна и Херцеговина објави некакви информации за напредокот и резултатите од субвенциите. Од околу 500 милиони евра директна буџетска поддршка, Bankwatch успеа да поврзе само 41,1 милион со директен придонес кон енергетската трансформација.

„Недостатокот од јавно достапни информации за поддршката на ЕУ за справување со енергетската криза на Западен Балкан е апсолутно несфатлив. Фондови одобрени со набрзина склопени индикатори стануваат стандардни за работата на Европската комисија во регионот. Милијарди евра јавни пари се губат без јасни планови за трошење, јавни консултации, редовни известувања за напредокот и отчетност.“, изјави Давор Пехчевски од CEE Bankwatch Network, еден од авторите на анализата.

„Главниот удар од енергетската криза одамна помина, и време е владите од регионот и Европската комисија да одговорат што е направено и што е постигнато? Граѓанските организации очекуваат што поскоро да се направи детална евалуација на овој финансиски пакет во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни, вклучително и граѓанските организации, а резултатите од оваа евалуација да бидат јавно објавени.“ дополни Елена Николовска од Еко-свест.