Бени Шаќири : Кај и да е, ќе си купам „ферари“


Заколнатиот рокенрол музичар Арбен-Бени Шаќири, направи преседан во музичката кариера и по 20 години рок-музика, со композиторот Златко Ориѓански сними етно албум со звук кој го обединува регионот „Добро утро госпоѓо“.

-Сѐ уште не сум навикнат на оваа етно приказна, кај и да е, за две-три години ќе си купам „ферари“ се шегуваше Бени на своја сметка на концертот во Македонската филхармонија пред пријателите и фановите на нивната музика, но и на режисерот Слободан Унковски.

– Имам намера да те направам македонскиот Аца Лукас, се надоврза Ориѓански на шегата, кој призна дека концертната промоција на албумот, е прв негов концерт по 20 години во Македонија.

Уживање беше да се слуша нивната заедничка приказна на македонски, албански и на грчки јазик со хитовите ,, Си беше еднаш“ и ,„Генерале“, која стана дел од музиката за претставата „Солун град на духови“ на режисерот Слободан Унковски, на „Галена“, „Анице, љубов моја“ , „Накит“, „Секси Македонија“, „Си беше еднаш“, „Не мисли Марија“, „Лепотице“, „Патриоти“…

На сцената, декорирана со моторот олд-тајмер, од обвивката на албумот, објавен, пред три години, и со две чаши виски, продефилираа и гости-актерите од претставите на Унковски, Мартина Аврамовска и Викторија Лоба која ги испеаја песните на Ориѓански, од албумот на Каролина-„Ружа ружице“ и „Птицо малечка“.

-Што ти е кариера. Златко од Каролина, спадна на мене“, се шегуваше Бени и го исполни хитот на поп-ѕвездата-„Скопска магла“.

Урбаната публика, меѓу нив и пејачите Дарио и Александар Митевски и политичарите Стево Пендаровски и Андреј Жерновски, и покрај заразниот ритам, беше културна и не препушти на емоциите за време на концертот, освен со аплаузи, за да на крајот, на бисот, стане и поигра на песната „Добро утро госпоѓо“. (Л.С.)