Белорускиот дисидент, Роман Протасевич, осуден на осум години затвор
Белорускиот опозициски активист, кој беше уапсен откако неговиот лет со „Рајанер“ принудно слета во Минск, е осуден на осум години затвор.
Роман Протасевич беше извлечен од авионот и уапсен под обвинение за поттикнување немири во мај 2021 година.
Во четвртокот, регионалниот суд во Минск го прогласи за виновен за серија прекршоци поврзани со неговата работа како уредник во опозициски медиум.
Белорускиот државен медиум, Белта, објави дека тој ќе ја одлежи казната во казнена колонија.
Меѓу обвиненијата за кои му се судеше на Протасевич беа организирање масовни немири, повикување на санкции против Белорусија, создавање или водење на екстремистичка група и заговор за преземање на власта.
Протасевич леташе од Грција за Литванија во мај 2021 година кога белоруската контрола на летање ненадејно го пренасочи летот кон Минск, тврдејќи дека има закана за бомба.
Тој беше извлечен од авионот и уапсен, заедно со неговата девојка, руската државјанка Софија Сапега.
Апсењата предизвикаа меѓународен негодување и доведоа до тоа ЕУ да воведе санкции против белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Западните земји ја обвинија Белорусија за киднапирање на авионот на „Рајанер“ под изговор за закана за бомба.
Во мај 2022 година Софија Сапега беше осудена на шест години затвор за поттикнување раздор.
Кој е Роман Протасевич? До ноември 2020 година, Протасевич работеше како уредник на опозицискиот канал Nexta на апликацијата за пораки Телеграм.
Каналот е основан од колегата дисидент, Степан Путило, кој во четвртокот беше осуден во отсуство на 20 години затвор. Путило моментално е во егзил во Полска.
Nexta и Nexta Live беа користени за мобилизирање протести низ Белорусија во 2020 година.
Белорусија е управувана од истиот претседател Лукашенко, од 1994 година. Тој им пркосеше на неколкумесечните протести во 2020 година кога опозициските политичари и активисти беа уапсени и држени во затвор.