Белоруски опозиционери затворени, па веднаш изведени пред суд

Претставници на Координативниот совет на белоруската опозиција – Павел Латушка, Марија Колесникова, Олга Ковалкова, Максим Знак и Серхеи Дилеуски на нивната прес-конференција на 18 август (Фото: Ројтерс)

МИНСК – Двајца лидери на опозицијата во Белорусија се појавија на суд во вторникот по една ноќ во затвор, откако владата почна казнување на неколкуте фигури кои сѐ уште се на слобода, со повеќе масовни демонстрации планирани против претседателот Александар Лукашенко.

И покрај тоа што повеќето големи опозициски фигури се наоѓаат во затвор или во егзил, Лукашенко досега не успеа да ги урне протестите против неговото 26-годишно владеење повеќе од две недели по изборите, за кои неговите противници велат дека биле наместени.

Олга Колвакова, главниот претставник на опозицискиот кандидат Светлана Тихановска која сè уште е во Белорусија, се појави на суд, исто како и Серхеи Дилеуски, кој ги водеше штрајковите во фабриката „Минск трактор“, еден од најголемите погони во земјата. И двајцата беа уапсени во понеделникот.

Двајцата се лидери на опозицискиот Координативен совет, формиран минатата недела со цел започнување преговори со владата. Лукашенко го нарече советот незаконски обид за преземање на власта и обвинителите започнаа кривично дело против тоа.

Советот вклучува десетици фигури што претставуваат широк спектар на општеството, меѓу нив и писателката Светлана Алексиевич, добитничка на Нобеловата награда за литература, која е повикана на сослушување во среда.

Белоруските медиуми објавија фотографии од Дилеуски како седи во суд во метален кафез. Фотографиите на Колвакова во суд не беа достапни.

Подоцна во вторникот, наставниците требаше да одржат протести. Лукашенко се закани дека ќе отпушти сите наставници кои не ја поддржуваат владата.

„Заплашувањето нема да успее. Ние нема да попуштиме“, рече Тихановска во видео-врска со Европскиот парламент. „Бараме ослободување на сите политички затвореници. Бараме да престанат насилството и заплашувањето од страна на властите“.

Постојат знаци дека Москва сè уште го поддржува Лукашенко. Русија испрати новинари како испомош на вработените во белоруската државна телевизија, откако работниците се повлекоа во знак на протест против, како што опишаа, наредбите за емитување пропаганда. Како и да е, Лукашенко се смета во Москва како брутален и непостојан сојузник, со затегнат личен однос со претседателот Владимир Путин.

Западот мораше да ја балансира својата симпатија кон новороденото белоруско про-демократско движење со загриженоста дека силната поддршка ќе предизвика руски удар.

Заменик-државниот секретар на САД, Стивен Биегун, во вторникот требаше да престојува во Москва на разговори, откако се состана со Тихановска во понеделникот во Литванија.

Кризата, исто така, се заканува дека ќе им наштети на финансиите на земјата со ограничени резерви на девизи. Белоруската рубља падна на ново ниско ниво во однос на еврото и имаше редици пред менувачниците, бидејќи Белорусите се обидуваат да купат тврда валута.

Еден член на одборот на централната банка за Ројтерс изјави дека недостаток на валута е техничка работа и не ги сигнализира проблемите со ликвидноста кај банките. (Ројтерс)