Белорусија: Три жени застанаа заедно против Лукашенко


Светлана Тухоновска (во центарот), Вероника Цепкало (лево) и Марија Колесникова (десно) по објавувањето дека ги обединуваат своите кампањи (Фото: ЕПА)

Светлана Тихановска, Марија Колесникова и Вероника Цепкало се обединија за да го соборат од власт Александар Лукашенко на изборите на 9 август

 

Три жени ја водат главната опозициска кампања за претседателските избори следниот месец во Белорусија, трансформирајќи ја политиката на земјата додека се обидуваат да го соборат Александар Лукашенко, кој владее веќе 25 години.

На нивно чело е Светлана Тихановска, кандидатка која немаше желба за таква улога, но која сѐ повеќе станува уверена во нејзиниот предизвик кон Лукашенко.

Минатата недела Тихановска одржа говор на националната телевизија, а настапуваше и пред илјадници луѓе во главниот град Минск, како и во помалите градови.

Првично, таа застана зад нејзиниот сопруг, популарен блогер, кому му беше забрането да биде дел од изборите и заврши зад решетки, но брзо се трансформира како политички кандидат и е многу комфорна во директната врска со гласачите, велат нејзините приврзаници.

„Нејзиниот раст беше огромен“, рече Марија Колесникова, шеф на претседателската кампања за друг опозициски политичар, Виктор Бабарико, кому исто така му беше забрането да оди на изборите и сега е затворен од владата и се здружи со Тихановска.

„Треба да се каже дека таа е исклучително храбра и одважна жена. Таа си стави голем товар врз себеси“, рече Колесникова.

Протестите за поддршка на опозициските кандидати се најголем предизвик во сите овие години за Лукашенко, во услови на гнев поради неговото постапување со пандемијата на корона вирусот и поплаките за економијата и човековите права. Покрај затворањето на неговиот главен изборен ривал, тој уапси стотици луѓе во обидот да го замолчи отпорот.

Тихановска, исто така, мораше да направи жртви. Минатата недела беше откриено дека таа ги однела своите деца надвор од земјата заради нивната безбедност, откако речиси беше истерана од трката со закани против нејзиното семејство. Нејзиниот сопруг Сергеј останува зад решетките затоа што учествуваше на митинг во мај.

„Да, во почетокот се исплашив“, рече таа во телевизискиот говор. „Знам до кои длабочини може да оди оваа влада за да ја зачува својата власт. Но веќе не сум исплашена“.

На митинзите на трите жени има неверојатна енергија, незабележана за Белорусија

 

На огромните митинзи во предизборната кампања на Тихановска и Колесникава им се придружи Вероника Цепкало, поранешна вработена во „Мајкрософт“ и шеф на кампањата за нејзиниот сопруг Валери Цепкало, која исто така беше исфрлен од трката и минатата недела ја напушти земјата со своите деца и замина во Москва, велејќи дека бил предупреден оти е донесена наредба за негово апсење.

Во бомбастичната најава на почетокот на овој месец, трите жени рекоа дека ќе ги обединат своите кампањи, поврзувајќи ги, како што сметаат, комплементарните гласачи меѓу побогатите градски средини и противниците на Лукашенко во селата.

Лукашенко, поранешен директор на колективна фарма, управува со поранешната советска земја од 1994 година, потиснувајќи ги и затворајќи ги опозициските личности и одржувајќи избори што не се сметаат за слободни и фер од европските набљудувачи. Тој се очекува максимално да го искористи своето влијание врз изборните власти за да му помогнат на изборите на 9 август, а опозицијата рече дека е загрижена оти гласањето би можело да биде наместено.

Колесникова вели дека трите жени ја донеле одлуката за обединување за само 15 минути. „Решивме дека ќе биде побрзо ако разговараме само ние трите“, рече таа. „Ни требаа 15-тина минути да разговараме Светлана, Вероника и јас, за да донесеме одлука… И тоа беше нашата победа“.

Оптиката на објавата ја зафати и имагинацијата на јавноста. На фотографиите, заедно, Цепкало го покажа знакот за мир, Тихановска држеше тупаница, а Колесникова ги формираше двете раце во срце. Следеше наплив на репродукции и фан-уметност.

„Веруваме дека не сме од втор вид, дека стоиме рамноправни со мажите и веруваме дека можеме да победиме“, рече Цепкало по објавата, поткопувајќи го Лукашенко, кој вели дека политиката треба да остане сфера во која доминираат мажите.

„Нашиот устав не е направен за жена“, рече тој. „Нашето општество не е созреено до тој степен што ќе гласа за жена“. Исто така, тој ги нарече „лоши нешта“.

Тихановска ја прифати својата улога како неподготвен кандидат, велејќи дека не е заинтересирана да се кандидира за политика, но тоа го прави од чувство на должност.

„Го сакам мојот сопруг, па затоа ја продолжувам неговата кауза“, им рече таа на неколкуте илјади гласачи во говорот во Барисау во четвртокот. „Ги сакам моите деца и сакам тие да растат во земја во која устите на луѓето не се затворени. Јас ги сакам Белорусите, затоа сакам да им дадам можност да изберат“.

Таа, исто така, зборуваше на течен англиски јазик во извештајот на Би-би-си во еден сегмент, што толку го налути Лукашенко и повика новинската агенција да биде исфрлена надвор од земјата, заедно со локалните известувачи на Радио Слободна Европа.

Вероника Цепкало, чиј сопруг е истакнат бизнисмен, на митингот изјави дека земјата загубила 750.000 граѓани во последните 15 години, кои заминаа во потрага по подобар живот.

„Сакам моите деца и моето семејство да живеат во оваа земја“, рече таа. „Ние сме Белоруси и сакаме да ги одгледуваме своите деца во Белорусија“.

Тихановска е поддржана од белоруската писателка и нобеловка Светлана Алексиевич. (Гардијан)