Белорусија: Нобеловецот Алес Бјалијацки осуден на 10 години затвор


Алес Бјалијацки за време на минатогодишниот процес за затајување данок (Фото: АФП)

 

Суд во Белорусија го осуди добитникот на Нобеловата награда за мир Алес Бјалијацки на 10 години затвор.

Тој беше осуден за шверц и финансирање „дејства кои грубо го нарушуваат јавниот ред“, соопшти групата за човекови права „Вијасна“.

Поддржувачите на 60-годишниот Бјалијацки велат дека авторитарниот режим на белорускиот лидер Александар Лукашенко се обидува да го замолчи.

Бјалијацки беше еден од тројцата добитници на Нобеловата награда за мир во 2022 година.

Тој беше уапсен во 2021 година по масовните улични протести по спорните избори што го задржаа долгогодишниот лидер на Белорусија на власт претходната година.

Демонстрантите беа пречекани со полициска бруталност, а критичарите на Лукашенко беа редовно апсени и затворани за време на демонстрациите, кои започнаа во 2020 година.

Бјалијацки беше во судот заедно со двајца колеги од кампањата, Валентин Стефанович и Владимир Лабкович. Стефанович беше осуден на девет години затвор, додека Лабкович доби седум години, според групата „Вијасна“, која Бјалијацки ја основаше во 1996 година.

Сите тројца претходно се изјаснија за невини.

Белоруската опозициска лидерка во егзил, Светлана Тихановскаја рече дека пресудата е „едноставно ужасна“.

„Мораме да направиме се за да се бориме против оваа срамна неправда и да ги ослободиме“, рече таа.