Белорусија: Грабнат уште еден политичар од опозицијата

Максим Знак е адвокат и член на Координативниот совет на опозицијата (Фото: Ројтерс)

 

Белорускиот опозициски политичар Максим Знак беше приведен во средата од маскирани лица кои носеа обична облека, рекоа приврзаниците, додека властите ја проширија систематската кампања за приведување на водачите на едномесечните протести.

Знак беше приведен два дена откако друг опозициски лидер, Марија Колесникова, беше грабната на улица од маскирани лица. Двајцата се истакнати лидери на протести кои бараат оставка од претседателот Александар Лукашенко по изборите на 9 август, кои според опозицијата се наместени.

Знак беше последниот член на Координативниот совет на опозицијата кој сè уште беше активен во Белорусија, освен добитничката на Нобеловата награда, писателката Светлана Алексиевич, која е предводник на движењето.

Сите останати избегаа, принудени да заминат во странство или беа приведени во акцијата на безбедносните сили на Лукашенко, додека тој се обидува да ја задржи својата 26-годишна власт во поранешната советска република.

„Барам итно ослободување на Максим Знак, кој беше приведен, или поточно киднапиран, денес. Методите што ги користат т.н. власти се безобразни“, рече Светлана Тихановска, која му беше ривал на Лукашенко на изборите и побегна набргу потоа во Литванија.

„Јасно е дека Лукашенко се плаши од преговори и се обидува на овој начин да ја парализира работата на Координативниот совет и да ги заплаши неговите членови. Но, нема алтернатива на преговорите и Лукашенко ќе мора да го прифати ова“, рече таа.

Координативниот совет го цитираше адвокатот на Знак, Дмитриј Лаевски, кој рече дека државниот истражен комитет отвори кривична постапка против него „за поттикнување дејствија насочени кон нарушување на националната безбедност на Република Белорусија“.

Државните истражни органи исто така пребаруваа во седиштето на затворениот опозициски политичар Виктор Бабарико, соопшти новинската агенција Интерфакс.

Во вторникот, истакнатиот опозициски лидер Колесникова го спречи обидот да биде депортирана со тоа што го искина нејзиниот пасош за да не биде принудена да ја премине границата со Украина.

Таа останува во притвор, но местото каде се наоѓа не е познато.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, во изјавата во вторникот рече дека Вашингтон е „длабоко загрижен од пријавеното киднапирање“ на Колесникова и на уште две други опозициски фигури кои беа грабнати и принудени да заминат за Украина. Тој ги повика белоруските власти „да ги ослободат сите што биле неправедно приведени“.

„Европа мора брзо да се согласи за листата на санкции. И од моја гледна точка, треба да го вклучува Лукашенко, шефот на овој систем “, изјави за германскиот јавен радиодифузер ЗДФ, Манфред Вебер, висок германски конзервативец и шеф на ЕПП, најголемата политичка групација во Европскиот парламент. (Ројтерс)