Белорусија го помилува осудениот новинар Роман Протасевич
Поранешниот главен уредник на медиумот „Нехта“, Роман Протасевич, изјави дека е помилуван, пренеср брлортуската агенција Белта.
„Буквално, јас само ги потпишав сите релевантни документи дека сум помилуван. Ова, се разбира, е одлична вест“, изјави Протасевич за новинарите во Минск.
На 3 мај, Регионалниот суд во Минск го осуди Протасевич на осум години затвор. Тој беше прогласен за виновен за јавни повици за преземање на државната власт, акти на тероризам, навреда на претседателот, ширење на намерно лажни информации за Белорусија и други злосторства.
Роман Протасевич беше приведен во мај 2021 година, откако авионот на „Рајанер“ на пат од Атина до Вилнус беше принуден да слета. Набргу по апсењето, Протасевич изјавил дека соработува со истрагата „за да се искупи за штетата“ што ѝ ја „нанел на земјата“. Родителите на Протасевич тогаш рекоа дека неговите „признанија“биле добиени под „физички притисок“.
Заедно со Протасевич беше приведена и неговата девојка Русинката Софија Сапега. Во мај 2022 година, таа беше осудена на шест години затвор под обвинение за поттикнување социјална омраза и незаконско собирање лични податоци бидејќи управувала со опозициски канал на Телеграм, каде, меѓу другото, биле објавени и податоците на белоруските безбедносни сили. Сапега побара од белоруските власти помилување, но беше одбиена. Во средината на април 2023 година беше објавено дека на Сапега ѝ било дозволено да биде екстрадирана во Русија за да ја отслужи казната.