Беља тргнат настрана, следни Дураку и Адеми?

Разрешениот економски директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, Ваљон Беља, вчера не сакаше да долева масло на огнот што го предизвика со сериозните обвинувања дека стручната директорка Викторија Јовановска незаконски доделува тендери. Сакаше најпрво да го чуе ставот од матичната партија ДУИ, од каде што немаа никаква реакција што нивниот кадар настрада од раката на министерот за здравство, Венчо Филипче.

Во Мала Речица во моментов имаат поважни работи, а тоа е смената на министри од нивните редови што не работеа добро, поради што фокусот е свртен кон тоа прашање.

„Но, набргу ќе мора да се занимаваат и со Беља, затоа што сигурно е оти тој нема толку лесно да го прифати поразот“, коментираат во политичките кругови блиски до ДУИ.

Всушност, изненадувачкото прво појавување на Беља во јавноста како економски директор, и тоа со напади поддржани со документи кон стручната директорка што дојде на чело на клиниката по доаѓањето на СДСМ на власт, предизвика уште пожестока и побрза реакција на министерот, кој одлучи да го смени „напаѓачот“ по само неколку часа. Ако се знае дека отказите кон кадрите на ДУИ во оваа влада, но и во која било претходна, се реткост, се поставува прашањето за заднината на целиот случај.

Дали ДУИ најпрво го искористи Беља за да испрати порака до СДСМ во пресрет на очекуваните промени во Мала Речица или економскиот директор на своја рака одлучи да влезе во војна со другата директорка од Клиниката во која е вработен од октомври минатата година?

„Беља е амбициозен човек и веројатно сакал да ги зацврсти позициите и во ДУИ и во владината коалиција, инсистирајќи да добие подобро работно место. Недоразбирањата со Јовановска кулминирале по кавгата за две лица, кои од Општина Чаир требало да преминат на Клиниката и тоа било мотив да ги објави ‘бомбите’. Министерот Филипче беше ставен пред свршен чин: или да му даде отказ нему или да ја отпушти Јовановска, што би значело признавање дека навистина бил направен криминал со тендерите. Бргу е направен договор во согласност со ДУИ да биде разрешен Беља, иако Ахмети сега ќе треба да му бара нова позиција за да не прави проблеми“, велат во круговите блиски до ДУИ.

Во меѓувреме, во Мала Речица траат преговорите кои нивни министри ќе мора да ја напуштат „Илинденска“ како дел од метлата што започна во Социјалдемократскиот сојуз. Според нашите соговорници, најлошо стојат првите луѓе на министерствата за животна средина и за образование што ги предводат Садула Дураку и Арбер Адеми. За првиот уште не се знае дали ќе направи трансфер во новоформираното Министерство за политички систем.

Коинциденција или не, вчера во јавноста протекоа нови „бомби“ од прислушуваните разговори во минатото, во која главна улога имаат Али Ахмети и Муса Џафери. Во една од нив, тие со потсмев и со погрдно име го нарекуваат Дураку. И покрај тоа, проценките се дека на Дураку, пред сè, поради „заслугите“ од воениот конфликт во земјава од 2001 година, му се отворени сите врати во Мала Речица, така што не би чудело доколку и натаму биде дел од тимот на премиерот Зоран Заев.

Обвинителството ги чешла документите од ГАК

Основното јавно обвинителство ги чешла документите доставени од разрешениот економски директор на ГАК, Ваљон Беља, за наводно криминално раководење на стручната директорка Викторија Јовановска. Од Обвинителство велат дека пријавата веќе е распределена и по неа се постапува.

„ОЈО, како и во сите случаи досега, будно ги следи случувањата и објавите во медиумите и веднаш презема дејствија за утврдување на фактите во доставениот поднесок. Пријавата е распоредена кај надлежен јавен обвинител. По прибирање на сите материјални и вербални докази, а по нивно разгледување и анализа, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошно постапување“, нагласуваат од Обвинителството.

Како што е познато, Беља обвини дека Јовановска незаконски спроведува тендери и фаворизира одредена фирма, при што во опасност ги доведува животите на новороденчињата. Јовановска, пак, возврати дека Беља ја уценувал затоа што не потпишала вработување за две лица во неговиот кабинет.

Горан Адамовски