Белградски енергетски форум: Во фокусот ЦБАМ механизмот и регионалната интеграција: Каде е Македонија
Македонија повеќе не е пасивен набљудувач на енергетските процеси, туку држава што активно ги креира сопствените политики и се позиционира како релевантен и стабилен партнер во регионот – порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на панелот посветен на енергетската транзиција и регионалната соработка на Belgrade Energy Forum 2026, еден од најзначајните регионални енергетски форуми.
– Енергетската криза беше јасен сигнал дека енергетската безбедност и транзицијата мора да одат паралелно. Македонија суштински го редефинира пристапот кон енергетиката – од пасивно следење на пазарот кон активно планирање, инвестиции и развој – истакна Божиновска на Belgrade Energy Forum 2026, каде што заедно со министри, претставници на Енергетската заедница, меѓународни институции и водечки експерти се дискутира за енергетската безбедност, декарбонизацијата и иднината на енергетскиот сектор во регионот.

Таа нагласи дека со новиот Закон за енергетиката, усвоен 2025 година, државата воведе системско планирање и предвидлива рамка за инвеститорите, со што значително се забрза инвестицискиот циклус во обновливите извори на енергија.
Министерката потенцира дека производството на електрична енергија од сонце е зголемено речиси 50 пати во споредба со 2016 година.
Во своето обраќање, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, таа ги издвои и капиталните државни инвестиции преку АД ЕСМ, особено проектите за изградба на фотоволтаични централи во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, оценувајќи ги како симбол на праведната енергетска транзиција и трансформацијата на поранешните јагленски капацитети во извори на чиста енергија.
Посебен акцент беше ставен и на диверзификацијата на снабдувањето со енергенти и на регионалното поврзување.
Министерката посочи дека Македонија активно работи на гасното интерконективно поврзување со Грција и Србија, со што се отвора пристап до нови извори на природен гас и ЛНГ-терминали, а паралелно се зајакнуваат и електроенергетските интерконекции со соседните земји.
Говорејќи за европските политики и механизмот CBAM, министерката истакна дека државата веќе воспостави систем за гаранции за потекло на електрична енергија, што ќе им овозможи на македонските компании поголема конкурентност и полесен пристап до европскиот пазар.
– Нашата визија е Македонија да стане држава со декарбонизиран, дигитализиран и регионално интегриран енергетски систем, со значително поголемо домашно производство на чиста енергија. Регионалната соработка денес не е избор, туку неопходност за стабилна и сигурна енергетска иднина – порача министерката.
Во рамките на форумот Божиновска оствари и повеќе билатерални средби со претставници на регионални институции, компании и меѓународни партнери, посветени на нови инвестиции, енергетско поврзување и продлабочување на регионалната соработка во енергетиката.
На Белградски енергетски форум учествуваше и делегација на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО учествуваше. Во одделно соопштение до медиумите, од МЕМО посочуваат дека генералниот директор на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, учествуваше на панел-сесијата посветена на „Влијанието од воведувањето на CBAM врз регионалниот пазар на електрична енергија“, заедно со истакнати експерти и претставници од индустријата: Анже Предовник (ADEX Group / BSP Energy Exchange), Јасмина Трухљ (Energy Community Secretariat), Маја Турковиќ (CWP Europe), Марк Копли (Energy Traders Europe) и Владимир Ѓорѓевиќ (Axpo Group).
Во своето излагање, Ѓорѓиевски истакна дека МЕМО внимателно ги следи европските регулаторни процеси и предупреди на ризиците од административни бариери кои можат да ја нарушат пазарната ликвидност и регионалната интеграција.

„Реалноста со CBAM- механизмот за прилагодување на границите на јаглеродот носи предизвици. Од една страна, МЕМО расте. Обемот на нашиот Пазар ден- однапред (Day-Ahead market) е зголемен за 19% во споредба со минатата година. Тоа е одличен показател, пред сè како резултат на зголемената доверба во нашата млада берза за електрична енергија. Но, CBAM создава парадокс – ја задржува зелената енергија внатре во националните граници. Потребен ни е систем што ќе придонесе кон поголема интеграција на пазарите, а не нивна изолација. Во сегашната форма, CBAM предизвикува значителни нарушувања врз слободната трговија на пазарите со електрична енергија“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој се осврна и на процесот на транспозиција на енергетскиот пакет во нашата земја, како и на активностите поврзани со пазарното спојување (market coupling).
„Според последните информации, делот од Пакетот за интеграција на електричната енергија што сè уште не е усвоен моментално се наоѓа во фаза на одобрување во Регулаторната комисија. Следниот чекор е започнување на процесот на сертификација во рамки на Енергетската заедница, по што Европската комисија официјално ќе може да ја започне постапката. Ова претставува значаен чекор за нас“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека МЕМО веќе активно учествува во рамки на IBWT (Italian Border Working Table), што ќе овозможи значително побрза и поедноставна имплементација на процесот на market coupling веднаш по завршувањето на сертификацијата.
„Неодамна го пуштивме во функција Пазарот во тековниот ден (Intraday Market), со што нашиот пазар започнува да функционира поблиску до реалното време. Електричната енергија е специфична – таа се произведува и се троши во истиот момент, што бара исклучителна прецизност и високо ниво на координација со соседните системи. Технички сме подготвени, а паралелно се усогласуваме и на правен план“, нагласи Ѓорѓиевски и посочи дека ниту еден национален пазар не може да функционира како изолиран енергетски остров.
„Македонија е физички поврзана со соседите преку силна електроенергетска мрежа. Но, не е доволно да постојат само интерконекции доколку пазарите останат раздвоени. Market coupling е единствениот логичен чекор за премостување на тој јаз. Доколку останеме изолирани, ја ограничуваме ликвидноста и ја правиме зелената транзиција поскапа за граѓаните. Интегрираниот пазар е единствениот начин да обезбедиме праведна и одржлива енергетска транзиција за сите“, истакна Ѓорѓиевски.
Во рамки на форумот беше нагласено дека секое вештачко одвојување од европските енергетски текови е спротивно на принципите на слободен пазар и фер конкуренција.
Белградскиот енергетски форум 2026 обедини повеќе од 400 учесници и над 50 говорници, вклучително и министри за енергетика од земјите од Западен Балкан, претставувајќи една од најзначајните регионални платформи за креирање на енергетските политики до 2030 година и понатаму.