Белград потпиша договор за проектирање на втора метро линија со „Егис реил“


Градската влада во Белград потпиша договор со француската компанија „Егис реил“ за проектирање на втората линија на метрото во српската престолнина, беше објавено во петокот.
„Егис реил“ ќе подготви физибилити студија и идеен проект со студија за оцена на влијанието врз животната средина за втората метро линија, која ќе биде долга 21 километар со 23 станици, се вели во изјавата на заменик -градоначалникот на Белград, Горан Весиќ.

– Рокот за завршување на договорот е 25 месеци, така што изградбата на втората пруга би можела да започне во 2023 година и да заврши во 2030 година. Почетокот на изградбата на првата линија на белградското метро е планиран за ноември оваа година, а крајот за 2028 година, рече Весиќ.

Во јануари, српската влада потпиша меморандум за разбирање со француските компании „Алстом“ и „Егис Реил“ и „ПауерКина“ за изградба на белградското метро.

Првата метро линија ќе сообраќа по должината на реката Сава, преминувајќи го центарот на Белград и ќе ја поврзе областа Макишко Поље во југозападниот дел на српската престолнина со населбата Миријево на североисток, во близина на реката Дунав. Втората линија ќе го поврзе Земун, северозападното предградие на Белград, со населбата Миријево преку градската општина Нов Белград.