Белград не штеди за Нова година – ќе пеат Карлеуша и Шерифовиќ, ќе светнат 123 улици


Новогодишно осветлување во Белград ќе се вклучи околу 1 декември во десет градски општини, а на новогодишната ноќ пред Народното собрание покрај Јелена Карлеуша, Марија Шерифовиќ ќе настапи и Сара Јовановиќ

 

За разлика од Скопје и од други градови во Македонија кои најавија дека заради штедење нема да организираат пречек на Нова година, во нашето соседство не се откажуваат од ниту од украсувањето, ниту од традиционалниот новогодишне концерт. Така, во Белград, новогодишното осветлување ќе биде вклучено околу 1 декември во десет градски општини, во приградските населби околу 5 декември, а досега се украсени 53 од 123 улици.

„Белград има едно од најдобрите новогодишни осветлувања во овој дел од Европа и ние сме среќни бидејќи тоа покажува дека напредуваме како град, а секогаш е добро градот да биде украсен за новогодишните празници“, изјави белградскиот заменик градоначалник Горан Весиќ за ТВ Пинк, додавајќи дека покрај 123 улици има и други локации што се украсуваат, како паркови, плоштади. 

Вклучувањето на новогодишното осветлување значи почеток на манифестацијата „Белградска зима“, која содржи голем број програми за деца како Трг на бајки пред општина Звездара, потоа програмата во Паркот на војводата Вук. Дополнително, ќе има програми во центрите на сите приградски општини, а во центарот, покрај лизгалиштето кое веќе традиционално се нуди, ќе се организира и дочек на Нова година – рече Весиќ.

Тој додаде дека граѓаните на новогодишната ноќ ги очекува спектакл на платото пред домот на Народното собрание, односно настап на три големи ѕвезди, Јелена Карлеуша, Марија Шерифовиќ и Сара Јовановиќ. Дополнително, на Славија на 30 декември ќе се организира вечер за млади, а на 1 јануари ќе има настан „Улица на отворено срце“…

Според Весиќ, годинава се очекува богата новогодишна ноќ, а како ќе биде организирана зависи од епидемиолошките мерки кои во моментов никој не може да ги знае.