Белград достави барање до КФОР српската војска да се врати во Косово


Граничниот премин Мердаре

 

На преминот Мердаре на косовската граница со Србија на Кфор му е предадено барањето на владата на Србија за враќање на сто до илјада припадници на српските безбедносни сили на територијата на Косово според Резолуцијата 1244, пишува РТС.

Таква одлука донесла владата на Србија на синоќешната седница. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека одлуката е донесена едногласно, нагласувајќи дека тоа ќе доведе до намалување на тензиите. Сепак, тој истакна дека КФОР најверојатно нема да го прифати барањето на Србија.

„Одлуката е донесена едногласно и тоа е почитување на јавното право и е важно за заштита на населението и за контрола на граничните премини. Речиси сме сигурни дека нема да биде прифатено, но чекаме да ја добиеме хартијата“, рече претседателот.

Тој додаде дека ова е првпат влада да усвои вакво барање, владата на Зоран Ѓинѓиќ испратила писмо до Советот за безбедност, но без формално барање за враќање на српските сили во Косово.

Тој објасни дека е важно барањето да биде формално бидејќи кога еден ден ќе се променат околностите во светот, „не би рекле дека ние никогаш не сме го побарале тоа“.

Вучиќ рече и дека очекува најголеми притисоци поради Косово и дека на меѓународните претставници им порачал дека членството на Косово во ОН е неприфатливо за Србија и дека може да се разговара за други работи.

Одлуката на владата на Србија е донесена поради последните тензии на северот на Косово, каде веќе седми ден траат српските барикади – протестирајќи поради апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ и присуството на специјалните единици на косовската полиција на северот.