Белград домаќин на Светскиот конгрес на економисти со 1.000 учесници од 80 земји, има и тројца нобеловци
Во Белград денеска почнува 21. Светски конгрес на економисти на Меѓународната економска асоцијација (ИЕА). Тоа е најголем меѓународен научен собир во областа на економијата.
Меѓу клучните теми ќе бидат иднината на глобализацијата и прашањето дали тој процес завршува или продолжува во нови облици.
Во следните пет денови на конгресот ќе учествуваат околу илјада учесници од повеќе од 80 држави. Меѓу нив се и тројца добитници на Нобелова награда за економија Жан Тирол од Економската школа во Тулуз Естер Дифло од Универзитетот Масачусетс и Ерик Маскин од Харвард.
По речиси 20 години, овој најважен светски настан во економската професија се враќа во Европа, а за првпат ќе биде организиран во регионот на Југоисточна Европа.
На отворањето во Сава центарот се очекува да зборува претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во Српската академија на науките и уметностите (САНУ) утре ќе се одржи специјално предавање на Ерик Маскин кој е творец на теоријата на механизмите, добитник на Нобеловата награда за економија и од среда – претседател на Меѓународната економска асоцијација. Предавање ќе одржи истиот ден во главната конгресна сала на Сава центарот професорот Жан Тирол, исто така добитник на Нобеловата награда за економија.
Претходниот Светски конгрес на ИЕА се одржа во 2023 година во Меделин, Колумбија. Конгресот последен пат беше организиран на европскиот континент во 2008 година во Истанбул.