Белград домаќин на италијанската мода на филмските диви
Белград– Во рамките на манифестацијата „Италијанската мода во Белград“ на 5 мај во Етнографскиот музеј ќе биде отворена изложбата „Италија е во мода“ чиј автор и куратор е Стефано Доминела. За прв пат кај нас посетителите ќе имаат можност да ги видат бисерите на италијанската мода, кои доаѓаат од архивите на најголемите модни куќи во Италија.
Домаќин на изложбата беше Сеул, а сега педесетина фустани и костими што ги носеле филмските диви, како културен симбол на духот на педесеттите и шеесетите години на минатиот век, ќе можат да ги видат белграѓани и сите заинтересирани за оваа тема до 19 мај, кога поставката во зградата на Студентскиот плоштад ќе може да се посети секојдневно.
Во колекцијата место доби и малиот црн фустан во кој Ана Мањани пленеше на Оскарите. Има и филмски костими на Одри Хепберн и Ита Екберг, фустани на Лана Тарнер и Ким Новак… Изложбата се планира да ја отворат министерката за култура Маја Гојковиќ и амбасадорот на Италија во Србија Лука Гори, со поздравни зборови од авторот на изложбата Стефано Доминела, директор на Етнографскиот музеј Марко Крстиќ и директорка на модната агенција „Фабрика“ Весна Мандиќ.
Мандиќ, која е и еден од иницијаторите на настанот, потсетува дека судбината на италијанската мода трајно ја променила ревијата одржана на 12 февруари 1951 година, која во Фиренца ја организирал Џовани Батиста Џорџини.
– Од тој ден Италија почна да го „облекува“ целиот свет, од холивудските гиганти до обичните луѓе, создавајќи глобална стилска револуција. Ова е суштината, но и пораката на оваа изложба – тврди Весна.
Оваа изложба на фустани и материјали, досега невидена, е перспектива на креативност и ракотворби за експертите и пошироката јавност.
Изложбата е резултат на детално истражување, а еден дел од неа ќе биде посветен на одржливоста на модата, па ќе видите креации добиени од еколошки материјали и иновативни техники како преработка и рециклирање.
Организаторите не потсетуваат на извонредната посветеност во работата на кураторот Стефано Доминела. Претседател е на Секцијата за текстил, облека, мода и дизајн во чии рамки го основа „Клубот за креативност“ со цел да ги поддржи младите дизајнери, фокусирајќи се на културата на „убавото и добро направеното“ меѓу другото и за нивната меѓународна промоција. Тој е член на научниот и организациониот одбор на проектот „Archivi della Moda“, кој е насочен кон обновување и подобрување на огромното наследство на италијанската мода зачувано во архивите. Тој е предавач на многу италијански универзитети и модни академии. Добитник е на престижни награди, меѓу кои и Орден за заслуги на Република Италија.