Белград благодарен за континуираната бугарска подршка на евроинтеграцијата


Српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ денеска имаше телефонски разговор со вицепремиерката и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатарина Захариева во кој соговорниците констатирале дека билатералните односи меѓу двете земји се многу добри, како и дека политичкиот дијалог на највисоко ниво е многу интензивен и содржаен.

Селаковиќ се заблагодарил на континуираната поддршка на Бугарија во процесот на евроинтеграција на Србија и го истакнал интересот на Србија за понатамошна соработка на планот на пренесувањето на бугарските искуства од процесот на пристапување во ЕУ, како и потребата за директни контакти меѓу министрите на двете влади одговорни за важни прашања во процесот на евроинтеграцијата, соопштија од српското МНР.

Селаковиќ и Захариева истакнале дека соработката меѓу двете земји за време на пандемијата на Ковид-19 е пример што треба да продолжи и по епидемијата и се согласија да одржуваат почеста комуникација и размена на мислења и ставови за прашања од заеднички интерес.

„На крајот од разговорот, министерот Селаковиќ се заблагодарил за поканата да ја посети Софија, а министерката Захариева изрази надеж дека ќе може да му биде домаќин веднаш по празниците, во текот на јануари 2021 година“, се наведува во соопштението.