Белград бара од КФОР да не дозволи насилно отстранување на барикадите
Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ денеска изјави дека се надева оти ќе има „доволна интелигенција и одлучност“ во КФОР и ЕУЛЕКС да не дозволат насилно отстранување на барикадите на Косово.
– Ние сме подготвени (Србија да испрати барање до КФОР за враќање на безбедносните сили на Косово) и Владата ќе одлучи за тоа во текот на неделата. Тоа (испраќањето на барањето) не ни падна на памет од очај, туку поради правните обрасци од Резолуцијата 1244, бидејќи очигледно нема доволно безбедносни капацитети, изјави министерот за белградски медиуми.
Тој рече дека Србија ќе се обиде да направи се што може за да го зачува мирот и дека ќе бара политички договор, но дека за тоа е потребна волја од двете страни, односно и од Белград.
Директорот,пак, на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ утринава изјави дека Србите не смеат да „паѓаат на провокации“ и дека мора да ги почитуваат КФОР и ЕУЛЕКС кои се должни да ги штитат на Косово и Метохија.
„Релативно е мирно, но ситуацијата е напната до степен на вжареност поради Курти, кој сака да се справи со српскиот народ на Косово и Метохија“, изјави Петковиќ за РТС.
Тој повтори дека Србите подигнале барикади поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, нагласувајќи дека е уапсен невин човек, кој бил затворен „кој знае каде, без причина“.
„Станува збор за кршење на човековите права на Србите на Косово и Метохија. Србите на барикадите сакаат да го бранат Бриселскиот договор, бидејќи Курти не почитува ниту еден договор. Србите се понижувани и секојдневно го трпат насилството на Курти“, рече Петковиќ.
„ Не дај Боже да дојде војна, правиме се за да ги зачуваме мирот и стабилноста и не смееме да паднеме на провокации“, заклучи тој.
Србија бара ослободување на сите уапсени Срби од северот на Косово, а во исто време бара начини за намалување на тензиите во таа област, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за Ројтерс.
Тој истакна дека „косовската полиција нема што да прави на север…, особено вооружените луѓе до заби“. Тој додаде дека тоа создава непријатност и страв кај српското население. По состанокот на Советот за национална безбедност, Вучиќ рече дека косовските Срби не смеат да учествуваат во насилството врз војниците на НАТО и членовите на мисијата на ЕУ на Косово.
„Никој, под никакви околности, не треба да биде вклучен во нападите… врз ЕУЛЕКС и КФОР“, изјави Вучиќ за Ројтерс.
На прашањето дали Белград ќе се обиде да ја деескалира ситуацијата на северот на Косово, тој одговори: „Апсолутно“.