Белгиско истражување открива „јасна врска“ помеѓу Ковид-19 и Д витаминот

Според истражувањето на белгиски болнички тим постои „јасна врска“ помеѓу недостатокот на Д витамин во организмот и тешките случаи на Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.

Наодите на медицинскиот тим ги објавуваат денеска белгиските медиуми кои го цитираат истражувањето кое треба да биде објавено на 20 ноември.

Според биолозите инволвирани во истражувањето речиси половина од 16.274 пациенти инволвирани во студијата имале сериозен недостаток на Д витамин, ова било посебно видливо кај машките пациенти.

Биолозите сметаат дека недостаток на овој клучен витамин во организмот може да биде индикатор дека пациентот ќе развие сериозен случај на Ковид-19. Д витаминот е клучен за апсорпција на калциумот и магнезиумот и го зајакнува имуниот систем, пренесуваат медиумите.

Студијата треба да биде објавена во Американското списание за клиничка патологија за десетина дена.