Белгиските полицајци на протест против стигматизацијата на нивната професија


Белгиската полиција за денеска најави протести во повеќе градови, како одговор на обвинувањата дека се претерано насилни и дека нивните постапки се расистички мотивирани, објави он-лајн списанието „Јуроп тудеј“.

По нападот врз европратеничката од Мали и неодамнешната смрт на мигрант од земјите од Магреб по полициска потера, белгиската јавност и медиумите ги обвинија силите за одржување ред за прекумерна употреба на сила и расистички мотивирани акции.

Белгискиот полициски синдикат повика на протести, тврдејќи дека полицајците се всушност жртви на насилство и дека станува збор за стигматизирање на целата професија.

Организаторите на протестот бараат полицијата да биде опремена со таканаречени „боди камери“ (камери поставени на телото на полицаецот), што, како што велат, е во интерес на граѓаните, како и полицијата. На тој начин, полициските службеници би можеле да докажат дека постапиле според законот, се вели во соопштението на полициските службеници.