Белгиската владина коалиција поделена поради можно патување во Катар за СП


Белгиската владина коалиција не успеа да се согласи дали треба да испрати делегација во Катар доколку фудбалската репрезентација бележи успеси на Светското првенство, јави дописничката на МИА од Брисел.

Организацијата на Светското Првенство во Катар предизвика дилеми кај бројни владини коалициски партнери во Белгија поради постојаното кршење на човековите и работничките права од страна на катарската Влада.

За сега одлуката што е на маса помеѓу владините партнери е дека во Катар ќе отпатува владина или кралска делегација само доколку Белгија се квалификува за полуфинале.

Белгиската коалициска Влада е составена од Либерали, Зелени, Демохристијани и Социјалдемократи, притисок најмногу вршат гласачите на центар левите партии, како Зелените и Социјалдемократите, но и Демохристијаните. На социјалните мрежи пред неколку дена се појави тренд, кој бара да се бојкотира Светското Првенство во Катар, барање кое го поддржуваат повеќе невладини организации кои се занимаваат со човекови права.

Министерката за надворешни работи на Белгија, од редовите на Либералите, Хаџа Лабиб, понуди компромисно решение, да се отпатува во Катар само доколку фудбалската репрезентација стигне до полуфинале на СП. Но, и ова и натаму претставува проблем за некои од владините партнери.

Запрашан на темата, премиерот Александер Де Кро, рече дека ќе има „некакво“ владино присуство, но додаде дека не е сигурен оти белгиската репрезентација воопшто ќе стаса до полуфинале.