Белгија воведува построги мерки против Ковид-19


Поради зголемувањето на бројот на новозаразени со коронавирусот, белгискиот Совет за национална безбедност одлучи повторно да воведе построги мерки со цел да се спречи ширењето на заразата.

Наместо најавената „петта фаза“ на излез од вонредните мерки, белгиските власти донесоа одлука за заострување на правилата и нови ограничувања. Новите мерки се однесуваат на задолжителното носење заштитни маски на сите јавни места, но и на прометни улици и пазари, следење на контакти на клиенти во кафулиња и барови, како и скратено работно време на дежурни ноќни продавници.

Патниците што пристигнуваат во Белгија ќе треба да пополнат формулар 48 часа пред да влезат во земјата, а сите оние што доаѓаат од области што белгиските власти ги оценија како „епидемиолошки небезбедни“, ќе треба да бидат тестирани и да одат во карантин.

Во Белгија во јули е регистрирано забележително зголемување на бројот на заразени со коронавирусот.

Белгиските епидемиолози предупредуваат на „почеток на вториот бран“ на епидемијата, потсетувајќи на фактот дека во понеделникот на 13 јули се пријавени 216 нови случаи на Ковид-19, што е повеќе заразени отколку во средината на март кога беа воведени мерките за изолација.

Се додава дека овој пат најмногу се погодени младите луѓе на возраст меѓу 20 и 30 години и оти низ целата земја се регистрирани локални жаришта на болеста.