Белгија: Рекордни приватни профити, министерот за економија бара повисоки плати


DCIM100GOPROG0010291.

 

По обелоденувањето на рекордните профити на приватните компании во Белгија, белгискиот министер за економија оцени дека е потребно зголемување на платите на работниците, јави дописничката на МИА од Брисел.

Националната банка на Белгија на почетокот од оваа недела објави дека во второто тромесчје на оваа година, компаниите направиле 45,2 отсто профит, посебно фирмите кои работат во индустриска или енергетска област. Оваа стапка на профит е највисоката откако Националната банка мери профити.

Истовремено цените и фактурите на граѓаните непречено растат, предизвикувајќи штрајкови и протести.

Министерот за економија и потпретседател на федералната влада на Белгија, Пјер Ив Дермањ, реагираше на Твитер.

-Последните бројки на Националната банка на Белгија покажуваат дека маржите на претпријатијата достигнуваат 45,2 отсто во второто тромесечје на 2022. Тешко е да се продолжи да се вели дека нема простор за покачување на платите на работниците, напиша министерот.

Дермањ, како и синдикатите во Белгија, смета дека профитите треба да бидат порамноправно распределени во општеството и помеѓу работниците, особено со оглед на инфлацијата, додека пак работодавците од владата бараат да се стави кочница на било какво зголемување на платите.