Белгија од утре воведува вонредна состојба


БРИСЕЛ – Белгија ќе воведе целосна блокада од среда на пладне  до 5 април за да го ограничи движењето на луѓето со цел да се запре ширењето на коронавирусот.

Излегувањето на Белгијците ќе биде ограничено на посети на супермаркети, аптеки и банки или за вонредни случаи, рече премиерот Софи Вилмес на прес-конференција во вторникот вечерта.

„Ситуацијата еволуираше и нè натера да преземеме сериозни мерки за да го спречиме ширењето на вирусот“, рече Вилмес.

Белгија во вторникот објави 185 нови инфекции со корона вирус, со што вкупно достигна 1.243. Десет лица починаа.

Собирите на луѓето ќе бидат забранети, но физичката активност, како пешачење или возење велосипед, ќе биде дозволена надвор, доколку се почитува растојание од 1,5 метри помеѓу луѓето.

Супермаркетите ќе треба да го ограничат бројот на луѓе во продавниците во секое време. (Ројтерс)