Белен: Заштитата на малцинствата кај вас се подразбира, не драматизирајте го прашањето
Австрискиот претседател советуваше да гледаме напред и да не ја изгубиме целта од вид заради прашање кое и онака е регулирано со Уставот

Претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен, повика денес за време на прес-конференцијата со шефот на државава, Стево Пендаровски, да не се драматизира барањето за внесување на Бугарите во Уставот, бидејќи заштитата на малцинствата во Македонија и онака се подразбира и нашата држава се препознава како најуспешен модел на меѓуетнички соживот по Охридскиот договор.
„Не би сакал премногу да се изјаснувам за внатрешно-политички прашања, но ќе одржам говор во парламентот и ќе ги замолам сите пратенички групи длабоко да размислат што ризикуваат долгорочно со негласањето за следниот чекор (уставните измени). Заштитата на малцинствата и онака се подразбира тука во Северна Македонија, така што овој чекор не треба да се драматизира. Северна Македонија е пример во регионот во однос на заштитата на малцинствата, и тоа не се однесува само на албанското туку и на сите други. За да продолжи брзо процесот на преговори со ЕУ уште еден дополнителен чекор би бил од помош, а тоа е промена на Уставот. Ги разбирам фрустрациите од долгото трање на процесот, но треба да се искористи овој зголемен интерес во ЕУ за проширувањето и за регионот и да не се губи дополнително време. Лично се надевам дека промената брзо ќе се случи“, порача Ван дер Белен на прес-конференцијата.
Како лидер на држава најголем странски инвеститор во Македонија и постојан и гласен поддржувач во евроинтеграцијата на земјата, тој не гледаше причина да зборува во ракавици околу францускиот предлог.
„Македонија направи тежок, но вистински избор. Вашето место е во Европската унија и вие сте на вистинскиот пат. Австрија ќе продолжи да ве поддржува во тоа“, рече Дер Белен, па нѐ охрабри „да бидеме мотивирани и концентрирани и со конкретни резултати“ да ги увериме во ЕУ дека заслужуваме членство. Според него, иако барањето за уставните промени предизвикува тензии, треба да гледаме напред и да работиме на заедничката иднина во Унијата.
„Знаеме дека ова е тежок процес за вас. Но, немојте да ја изгубите целта од вид“, рече Дер Белен посочувајќи ја Хрватска како земја пример како треба да се обединиме и како да работиме за да стигнеме до Европската унија. Притоа посочи дека Австрија ќе ни стои на располагање како наш сигурен партнер во процесот.
Претседателот Стево Пендаровски додаде дека нема да пропадне Македонија ако малкубројната бугарска етничка заеница влезе во Уставот.
„Нема да пропадне државата ако ги вметнеме Бугарите во Уставот, кои на број се нешто над 3 илјади луѓе. Македонската сувереност нема да се загрози, ниту пак европскиот пат ако се направи овој чекор“, рече Пендаровски. Тој рече дека лично нема да поддржи каков било друг пристап да се дојде до потребните две третини гласови за уставните промени, освен преку разговори со опозицијата, но ако тие решиле да бојкотираат и неговото директно вклучување нема да помогне.
„Ако опозицијата реши да не учествува ниту на експертско, ниту на политичко ниво, бескорисно ќе биде јас да се понудам за решавање на проблемот. Можам само да ја повикам опозицијата да учествува и можам да потсетам дека всушност зборуваме за прашања кои сме ги решиле пред дваесетина години со формулација ‘делови од народ’“, рече Пендаровски. Тој наедно предложи разговорите за уставните промени да се емитуваат во живо на телевизија за да ги слушнат граѓаните аргументите на тие што се за и што се против нив.
На прашање од новинарка од Радио Австрија дали е можно да се добијат и нови условувања со нови прашања во ЕУ процесот , Пендаровски рече:
„Условите кои последниве две години ни ги поставува Бугарија никој не можеше да ги предвиди, ниту во Брисел ниту тука. Затоа што во 2017-19 година, кога правевме уставни измени и променивме име, беше ветено дека нови барања нема да има. Во тој консензус беше и Бугарија. Нашето референдумско прашање беше дали да се додаде Северна во името за да станеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ. Верувавме дека нови барања нема да има. Граѓаните оправдано прашуваат дали ќе има и нови барања од друга или од истата земја ако ги направиме и овие уставните измени. Верувам дека такво нешто нема да се случи. Кредибилитетот на ЕУ, како заедница – шампион за почитување на човекови права, сега е овде драстично нарушен зашто сме единствена земја која го сменила името, а се уште чека во предворјето на ЕУ. Да се проблематизира нешто што нема врска со вредносните принципи на ЕУ и тоа со историски прашања е недозволиво“, рече Пендаровски.