Белата куќа објави со кого ќе се сретне Трамп во Њујорк, Мицкоски не е на списокот
Белата куќа објави со кого ќе се сретне претседателот на САД, Доналд Трамп, во Њујорк додека престојува на Генералното собрание на ОН. На списокот се главно лидери од Блискиот Исток и в.д. претседателката на Венецуела, а го нема нашиот премиер Христијан Мицкоски, иако јавно му нудеше таква средба и тврди дека Македонија е клучниот партнер на САД на Балканот.
Дека не успеал во намерата да договори средба со Трамп стана јасно кога некои медиуми почнаа да шпекулираат околу можна средба со државниот секретар Марк Рубио (која исто така не се случи додека беше во Вашингтон), иако не е пандан на неговата функција.
Сепак, не е првпат премиерот да троши време и пари во САД надевајќи се на средба со Трамп, имајќи во предвид дека и сега, како минатата година ќе седи две недели во САД. Овојпат, судејќи по мрачните лица на членовите на делегацијата на средбите низ Вашингтон можно е да не биде потпишан ни договорот со кој Македонија треба да го продлабочи економското партнерство со Америка, чија рамка е договорена уште во фебруари годинава и се очекуваше краен потпис да биде ставен во Њујорк за време на Генералното собрание. Станува збор за договор за реципрочна трговија, кој ги опфаќа енергетиката, дигиталната економија и можностите за користење американски течен природен гас (LNG). Во интервјуто што го даде од САД по средбите што ги имаше Мицкоски и натаму за проектите зборуваше како за нешто во иднина, употребувајќи го зборот „разговараме“.
Инаку, Мицкоски нема да биде прв македонски премиер или претседател што нема да има средба со американски претседател, бидејќи досега тоа им успеја само на Владо Бучковски, Љупчо Георгиевски (неофицијална средба) и Борис Трајковски, додека Никола Груевски стигна само до Џо Бајден кога беше потпретседател, а Бил Клинтон ја посети нашата земја – но заради војната во Косово и имаше притоа средба со Киро Глигоров.
Што се однесува до Трамп, тој ќе зборува на Генералното собрание на ОН во вторник, а традиционално американските претседатели организираат вечера за сите лидери додека се во Њујорк каде што вообичаено се фотографираат заеднички.Според соопштението на Белата куќа, Трамп ќе оствари средба „лице в лице“ со привремениот лидер на Венецуела, Делси Родригез, прва межу нив по американската операција во Венецуела во која претходно оваа година беше заробен тогашниот претседател Николас Мадуро. Средбата се одржува и неколку недели откако Трамп објави дека САД и Венецуела постигнале договор, за кој тој тврдеше дека ќе им даде на САД мнозинска контрола врз милијарди барели резерви на нафта во оваа карипска земја.
Меѓу другите лидери со кои Трамп ќе се сретне се премиерот на Обединетото Кралство, Енди Бурнам, јапонската премиерка Санае Такаичи, како и – на мултилатерална средба – лидерите на земјите од Заливот, вклучувајќи ги Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Во врска со средбата на Трамп со лидерите од Заливот, висок претставник на администрацијата им изјави на новинарите дека претседателот директно ќе ги слушне загриженостите на земјите од Заливот во врска со војната со Иран. Претставник на Белата кужа изјави дека Иран ќе биде „клучна тема“ во разговорите на Трамп на Генералното собрание. Според него, во обраќањето пред ОН во вторник Трамп ќе истакне како неговата администрација „директно се соочила со сложени проблеми“.
„Очекуваме претседателот да истакне како тој, во рамките на својата администрација… директно се соочил со сложени проблеми ширум светот, како и со многу од мировните договори што ги довел до крај или е во процес на нивно финализирање“, соопшти преставникот на Белата куќа.
За време на своето едночасовно обраќање на Генералното собрание минатата година, Трамп остро ги критикуваше лидерите собрани во конференциската сала, велејќи: „Вашите земји одат по ѓаволите“, додека истовремено ја фалеше работата на својата администрација. Претседателот исто така ги обвини Обединетите нации дека не го исполниле своето ветување.
„Која е целта на Обединетите нации?“, праша Трамп. „Тие имаат огромен, навистина огромен потенцијал. Но, дури и не се ни приближуваат до негово исполнување.“