Белата куќа ја нарече пораката на Трамп за вакцините „добра работа“


САД– Прес секретарот на Белата куќа Џен Псаки во четвртокот му аплаудираше на поранешниот претседател Доналд Трамп за неговите неодамнешни коментари за промовирање на вакцината против Ковид-19.

„Ние сме благодарни што поранешниот претседател го доби бустерот“, им рече Псаки на новинарите на брифингот во Белата куќа. „Ние сме, исто така, благодарни што тој јасно стави до знаење во едно неодамнешно интервју дека тие се ефективни и дека се безбедни. Тоа е важна порака што секој може да ја слушне“.

На настанот со поранешниот водител на Фокс њуз Бил О’Рајли во неделата во Далас, Трамп потврди дека е целосно вакциниран против Ковид-19 и откри дека примил трета доза, коментар што поттикна свирежи од некои луѓе во публиката. 

Во друго интервју, со конзервативната коментаторка Кендис Овенс во средата, поранешниот претседател продолжи да ја брани ефикасноста на вакцините против коронавирус, кои беа развиени под негова администрација.

„Вакцината е едно од најголемите достигнувања на човештвото“, му рекол Трамп на Овенс. „И ако ја земете вакцината, вие сте заштитени. Резултатите од вакцината се добри“.

Коментарите на Трамп предизвикаа ретки пофалби од сегашната администрација. Во говорот во Белата куќа во средата, претседателот Бајден го призна успехот на претходната администрација во развојот на вакцините против коронавирус и го пофали самиот Трамп што објави дека ја добил бустер-дозата.

„Тоа можеби е една од ретките работи за кои тој и јас се согласуваме“, рече Бајден. „Луѓето со бустер-доза се високо заштитени. Придружете им се. Придружете ни се“.

Во интервју за Фокс њуз во средата вечерта, Трамп рече дека е „изненаден“ од комплиментот од Бајден, кој беше отворен критичар на справувањето со пандемијата од страна на неговиот претходник. Трамп призна: „Малку е тешко да се биде премногу критичен сега, бидејќи тој само ни се заблагодари за вакцината и ми се заблагодари за она што го направив“

Во четвртокот во Белата куќа, Псаки рече дека и покрај неодамнешната размена на пофалби, Бајден и Трамп не се во контакт и веројатно нема дополнително да се здружат за да ги промовираат вакцините.