Бектеши за цената на струјата: Нема да се остварат најавувањата на таканаречените енергетски експерти


Фото: Б. Грданоски

Нема да се остварат најавувањата и очекувањата на таканаречените енергетски експерти во нашата држава и нема да се случи такво зголемување на цената на електричната енергија, дури можеби во одредени случаи ќе има и намалување на нејзината цена со цел да излеземе во пресрет на граѓаните и на малите потрошувачи, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Енергетскиот сектор во нашата држава е стабилен, така и ќе продолжи и оваа криза нема да биде на товар на граѓаните во делот на снабдување со топлинска и електрична енергија. Значи, нема да се остварат најавувањата на „енергетските експерти“ што излегуваат на телевизија, а да не зборувам за опозицијата, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Словенечко – македонскиот форум за економска соработка.

Нагласи дека нема право да ја каже цената на електричната енергија што ќе ја понуди ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум, бидејќи се носи на затворена седница на Влада.

-Но, можам да дадам насока како ќе се движи. Има тендерска постапка во која одредена компанија, во овој случај ЕСМ треба да даде понуда… За да им излеземе во пресрет на граѓаните посебно на тие коишто имаат најмногу потреба, на малите потрошувачи, на микро и малите потрошувачи, таму веќе најавив дека ќе има најверојатно намалување на цената на електрична енергија, потенцира Бектеши.