Бектеши во Шведска: Ние сме атрактивна дестинација со големи инвестициски можности


Министерот за економија Крешник Бектеши денеска и утре престојува во работна посета на Кралството Шведска каде што учествува на Министерска конференција во организација на шведското Министерство за надворешни работи и на Европската комисија.

Тој ги претстави стратешките проекти и можностите за инвестирање во Република Северна Македонија пред шведската бизнис заедница, со посебен фокус на ЕУ интеграцијата.

„По надминувањето на билатералните спорови и договорите со Грција и Бугарија, ние како држава ги отворивме нашите евроинтеграциски процеси и перспективите за економски развој. Владата на Република Северна Македонија е цврсто определена кон унапредување на условите за водење бизнис, што е основен индикатор за создавање на поволна клима за инвестирање“, истакна Бектеши, додавајќи дека aктивно се работи на привлекување на реномирани странски инвеститори, а мерките од владиниот План за економски раст даваат позитивни резултати, со рекордно ниво на странски директни инвестиции од 624 милиони евра и околу 20 нови странски компании кои реализираат инвестициски проекти во земјата.

Бектеши се повика на извештаите од меѓународните рангирања како потврда за квалитетот на економските политики и одличните ефекти што тие ги даваат: „Според последно објавениот извештај на Конференцијата на ОН за трговија и развој на инвестициите во светот, за Република Северна Македонија е наведено дека странските директни инвестиции пораснале за 260% од просекот во последните години, значително се подобрени и економските индикатори додека eкономскиот раст во првиот квартал изнесува 4.1%. Ќе се работи посветено на негово забрзување за да се достигнат стапки од 6 или 7% потребни за побрзо да се достигне европскиот стандард“.

Според Бектеши и во најновиот извештај на Светска банка, „Дуинг Бизнис 2019“, Република Северна Македонија е рангирана на десеттото место за водење на бизнис, од вкупно 190 земји во светот, додека, пак, Агенцијата Фич го подобри кредитниот рејтинг на нашата земја од ББ на ББ+ и тоа е прво подобрување на кредитниот рејтинг на земјата после цели 13 години.

„Што се однесува до поврзаноста како услов за подобра економска соработка почнавме забрзано да работиме на изградба на квалитетна патна, железничка и енергетска инфраструктура, се работи на проекти за патишта во вредност од над 1 милијарда евра. Комплетно е завршен Коридорот 10, a се работи и на финализирање на Коридорот 8, кој ја претставува врската со Бугарија и Албанија. Во фаза на изградба е и железницата до Бугарија, како и неколку експресни патишта“, информираше Бектеши.

Министерот Крешник Бектеши ја запозна шведската бизнис заедница и со реформите во енергетскиот сектор, реализирани во последниве две години, објаснувајќи дека со новиот Закон за енергетика, усогласен со европските регулативи и директиви, се отворија бројни можности за инвестирање во овој сектор.

„Активно работиме на што поголема употреба на обновливите извори на енергија, а отворивме простор за инвестирање во фотоволтаици до 300 МW, за ветерни централи, електрани на био-гас и био-маса, па тоа е уште едно поле каде можам да ги поканам инвеститорите да дојдат и да ги истражат потенцијалите со кои располагаме“, рече Бектеши.

Шведската министерка за надворешни работи, Маргот Валстром, во своето обраќање посветено на состојбите на земјите од Западен Балкан, ја истакна важноста од релациите помеѓу државите, заедничката сигурност и безбедност и демократијата.

„Пријателскиот однос е многу позначаен елемент од било кој друг дипломатски или политички однос. Туризмот, инфраструктурата енергетиката и културата се одлична платформа за соработка помеѓу земјите од ЕУ и земјите од Западен Балкан. Втората важна работа е борбата против корупцијата, тероризмот и климатските промени, кои се огромен предизвик на денешницата за која на ист начин се залагаат сите држави за да се обезбеди подобра иднина. Демократијата и мирот треба да се градат ден по ден во потсвеста на луѓето, бидејќи тоа е единствениот начин за подобро функционирање на државите“, потенцираше Валстром.

Директорката на ЕК за Западен Балкан, Геновева Руиз Калавера се осврна на политиката на Европската комисија за земјите од Западен Балкан: „Можам да истакнам дека судбината на овие земји е многу значајна и дека ЕУ се залага за нивна поддршка и интеграција. Во последниот пакет за проширување на ЕУ во сеопфатната анализа за секоја земја упати значајна пофалба за Република Северна Македонија, во однос на исклучителниот прогрес кој е направен. Што говори дека земјата сигурно чекори кон побрза интеграција во ЕУ“, рече Калавера.

По завршување на официјалниот дел од конференцијата, во име на организаторот, министерката Валстром приреди и работен ручек, на кој што се разговараше за унапредување на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан и за продлабочување на економската соработка и размена со земјите од ЕУ.