Бектеши: Во првите 100 дена приоритет поддршка на стопанството за надминување на штетите од ковид-пандемијата


Главниот предизвик што ги одбележа првите 100 дена од работата на Министерството за економија беше справувањето со негативните ефекти врз стопанството предизвикани од пандемијата со КОВИД-19. За таа цел го реорганизиравме работењето на Министерството за економија и обезбедивме целосна посветеност за поддршка на сите сектори за успешно надминување на проблемите предизвикани од пандемијата, а веднаш почнавме и со реализација на Четвртиот сет мерки за поддршка на економијата, за спас на сите работни места, истакна министерот за економија Крешник Бектеши презентирајќи го отчетот за сработеното на Министерството за економија за 100-те дена од новиот мандат.

-Со четвртиот сет мерки Министерството за економија обезбеди директна финансиска поддршка за туристичкиот сектор, за компаниите од услужните дејности и за организирање настани како свадби, за занаетчиите, но и за компаниите кои што и покрај пандемијата инвестираа во подобрување на својата конкурентност., рече Бектеши заблагодарувајќи се на сите кои беа вклучени во реализација на сите процеси во овие 100 дена, како и на сите стопанственици, занаетчии, туристички работници, граѓани кои помогнаа брзо и ефикасно да се реализираат мерките превземени од Министерството за поддршка на економијата.

Во првите 100 дена од работењето, додаде тој, потпишани се нови договори со 39 компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 56 милиони евра од Законот за финансиска поддршка на инвестициите за 2020 година. Тоа се, рече, компании кои и покрај светската економска криза, инвестираат во развој, во нови вработувања и зголемување на конкурентноста.

-Нашата цел е во првата половина од следната година да направиме измени и дополнувања на Законот за финансиска поддршка на инвестициите преку кој се реалиизра Планот за економски раст со кои што ќе се дополни и прошири опфатот на компании и проектите кои што ќе бидат поддржани. Овие измени произлегуваат од новите услови за работа предизвикани од пандемијата. Целта е како што кажав да им излеземе во пресрет на компаниите да инвестираат во својот раст и развој што ќе значи отварање на нови работни места, но и нови странски пазари, нагласи Бектеши..

Меѓу реализираните цели тој ја потенцира и финансиската поддршка за компаниите кои токму во КОВИД кризата започнаа инвестиции. При што вкупно 17,3 милиони евра се исплатени на 400 компании кои што за време на пандемијата инвестираа во подобрување на својата конкурентност, а вкупните инвестиции на овие компании се проценуваат на 100 милиони евра.

Бектеши посочи дека пандемијата предизвика најголеми штети врз туристичко-угостителскиот сектор, и оти најголемата поддршка на Министерството за економија во овие први 100 дена од новиот мандат беше фокусирана токму кон туристичките работници и угостителите.

-Во првите 100 дена од работењето Министерството за економија реализiраше пет мерки за поддршка на овој сектор за што се исплатени 212 милиони денари. Како резлутат на нивната реализација, вкупно 214 физички и правни лица добија 58 милиони денари за поврат на туристичка такса. Вкупно 276 туристички агенции добија грантови и беа поддржани со вкупно 79,6 милиони денари. Вкупно 81 игротека добија грантови во вкупна вредност од 13,2 милиони денари. Грантови добија 132 ресторани за организирање на свадби за што беше исплатена директна државна помош од вкупно 54,5 милиони денари. Беа поддржани 78 туристички водичи со вкупна вредност на поддршката од 5 милиони денари, рече министерот Бектеши.

Тој нагласи дека иако оваа мерка започнаа да ја реализираат во претходниот мандат, заклучно со 15 декември беа искористени 64.675 ваучери за домашен туризам за што биле исплатени околу 400 милиони денари државна помош директно кај сместувачките капацитети во земјата.

Покрај за туристичко-угостителскиот сектор. нагласи тој, зголемена е поддршката и за занаетчиите кои исто така претрпеа големи штети од пандемијата. Од КОВИД програмата во Министерството за економија, 20 милиони денари се наменија за поддршка на занаетчиите за полесно справување со последиците од Ковид 19, и се додаде нова мерка за Кофинансирање на трошоци за занаетчии за набавка на алати и репроматеријали. Од оваа мерка поддржавме 225 занаетчии со вкупно 8,8 милиони денари, рече министерот за економија.

Поддршката на бизнисот за справување со штетите од пандемијата, додаде Бектеши, и во наредниот период, се до завршување на кризната состојба ќе остане главенм фокус на Министерството за економија. Но, во исто време, додаде, засилено ќе продолжиме да работиме на реализација и на другите приоритети кои што ги поставивме кога го почнавме новиот мандат.

-Како дел од проектите на кои ќе се фокусираме во наредниот период е дополнително олеснување на условите за водење бизнис. Во таа насока, веќе е започната постапката за законски измени со кои се овозможува основање на фирма со минимален износ на основна главнина од 1 евро. Овие законски измени очекуваме да бидат донесени во Собранието на почетокот на следната година со што граѓаните ќе имаат можност да основаат фирми со минимални трошоци и да ги реализираат своите идеи и бизнис-планови преку новоотворени фирми, најави Бектеши.

Од почетокот на следната година, рече тој, ќе направиме измени на Законот за трговски друштва со кои ќе се воведе можност за примена на конвертабилниот заем кај Друштва со ограничена одговрност (ДОО). Оваа мерка , според него,има за цел да се создадат можности за развој на нов пристап до финансии за старт -ап компаниите односно инвестиици од страна на бизнис ангели.

Меѓу приритетите за поттикнување на иновативноста во земјата е и Македонско село. Во наредниот период со засилено темпо ќе работиме на формирање на „Старт-ап село“ (Start-up Village) кое ќе нуди можност за многу млади од земјава и странство да отворат бизнис без потреба од плаќање на режиски трошоци.

-Во делот на поддршка на компаниите сакам да информирам дека во првите шест месеци следната година ќе бидат објавени сите јавни повици од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво. Оваа година Министерството за економија обезбеди рекордна финансиска поддршка од 68,8 милиони денари за поддршка на микро, малите и средни претпријатија, за занаетчиството, индустријата и за поддршка на претприемништвото, потенцира Бактеши..

Тој се осврна и на реализираните и проекти во фаза на реализација во енергетскиот сектор.

-Трансформацијата на енергетскиот сектор во државата кој го започнавме за време на претходниот мандат и преминувањето кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија – водата, Сонцето и ветерот, останува приоритет на Министерството за економија. Во овие 100 дена од новиот мандат беше пуштена во употреба првата најсовремена фотонапонска централа на ЕВН Македонија во Неготинско Војшанци која што се реализираше во рекордно кратко време од потпишувањето на договорот со Министерството за економија. Исто така се поставуваат нови 62,5 мегавати фотоволтаици, коишто се во фаза на изградба, по пат на јавно-приватно партнерств, а кои очекуваме дека ќе бидат завршени во текот на следната година, рече Бектеши.

По успешните два тендери за доделување на премии за производство на електрична енергија на државно и приватно земјиште каде што, нагласи, имаше огромен интерес од инвеститорите, информираше дека во првиот квартал следната година Министерството ќе објави уште еден тендер за доделување премии за електрична енергија произведена од фотонапонски централи изградени на приватно земјиште.

-Овие тендери се почеток за реализирање на крајната цел која ја имаме до крајот на овој мандат, а тоа е да се изградат фотоволтаични централи во домашниот електоенергетски систем од 400 мегавати со што ќе се произведе чиста електрична енергија на ниво од околу 560 GWh (или околу 10 % од вкупното домашно производство), рече министерот Бектеши,

Приоритет во првите шест месеци во делот на енергетиката ќе биде и реализација на сите јавни повици од Програмата за енергетска ефикасност за што оваа година е предвидена поддршка за субвенции за печки на пелети и зголемување на енергетска ефикасност преку доделување на субвенции за вградување на ПВЦ прозорци и сончеви колектори. За оваа поддршка се предвидени вкупно 52 милиони денари од Буџетот на Министерството за економија.

-Како Министерство за економија и како наша надлежност ќе продолжиме со засилено темпо да ги поддржуваме домашните компании, и странски инвестиции, да работиме на поттикнување на инвестиции во енергетиката, во туризмот, во занаетчиството се со крајна цел подобар и поквалитетен живот на граѓаните, порача министерот за економија Бектеши.