Бектеши: В понеделник ќе ја објавиме мерката за враќање на туристичката такса од 2019 година


Министерството за економија в понеделник ќе ја објави мерката  за враќање на туристичката такса од 2019 година и лепеза на други мерки за еден од секторите кои беа најпогодени од пандемијата, најави министерот за економија Крешник Бектеши.

– Точно е дека согласно уредбата која беше усвоена во јуни предвидено е да се поддржат сите компании што се занимаваат со производство, трговија и од ИТ секторот и дека комисијата не ги утврдила инвестициите од компаниите кои имале други шифри на дејност. На пример во делот на хотелиерството има еден куп хотели во нашата држава и приватни сместувачки капацитети кои аплицирале за оваа мерка, но секако дека сме ги изставиле и сме ги помогнале со други мерки како што се издавањето на ваучерите. Сега и во понеделник ќе ја објавиме и мерката за враќање на туристичката такса од 2019 година и лепеза на други мерки за еден од секторите кои беа најпогодени од пандемијата, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање  на денешната прес-конференција во Владата.

На изминатата седница на Владата на предлог на Министерството за економија беше разгледана и усвоена Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за развој на туризмот за 2020 година, со што, како што беше посочено, транспарентно и ефикасно ќе се вратат средствата директно на сите кои во 2019 година имаат уплатено туристичка такса. Министерството ќе објавиви јавен повик на кој преку онлајн апликација сите субјекти ќе поднесуваат електронска апликација со приложување на документација. Комисија формирана од министерот за економија ќе изврши евалуација на апликациите и ќе изготви записник и решение за исплата на средства за тие кои исполнуваат услови согласно Јавниот повик.

За реализација на оваа активност е предвидено износот на грантот да се определи согласно вкупниот приход на правното лице во претходната година, бројот на вработени и типот на лиценцата за работа. Максималниот износ на Грантот за туристичките агенции кои имаат лиценца Б ќе изнесува 180 илјади денари додека максималниот износ за туристичките агенции со лиценца А изнесува 430 илјади денари. Оваа активност ќе се реализира во периодот ноември и декември 2020 година и за неа во Буџетот се обезбедени средства во износ од 116,85 милиони денари.

Со мерката е предвидено доделување на грантови и за туристички водичи како самостојни вршители на дејност. Право на аплицирање ќе имаат туристички водичи кои поседуваат важечка лиценца и не се во редовен работен однос. Со мерката е предвидено износот на грантот да изнесува 65 илјади денари по апликант. Оваа активност ќе се реализира во периодот ноември и декември 2020 година и за неа во Буџетот се обезбедени средства во износ од 9,8 милиони денари.