Бектеши: Спречивме големо поскапување на струјата и парното


Во услови кога цела Европа е соочена со една од најголемите енергетски кризи, Владата преку АД ЕСМ успеа со навремени мерки да се справи со ценовниот шок кој што беше неминовен. Успеавме да обезбедиме минимален раст на цената на струјата и парното, а во време кога сите земји во регионот имаат рестрикции на струја, обезбедивме непречено снабдување со електрична енергија за сите домаќинства и мали потрошувачи, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

За оваа намена, како што кажа на денешната прес-конференција во Владата, со цел да се амортизира покачувањето на цената на електричната енергија и на парното, од Буџетот на државата на двапати на крајот на 2021 и на почетокот на 2022 година на ЕСМ му беа префрлени вкупно околу 10,6 милијарди денари или 171 милион евра. Потсети дека веќе изминаа пет месеци откако Владата донесе одлука за прогласување на кризна состојба во електроенергетскиот сектор и скоро три месеци од одлуката за прогласување на кризна состојба на пазарот со топлинска енергија.

-Заложбата на Владата е во услови на криза, без оглед каква, пред се, да ги заштити граѓаните и стопанството. Навремено ги донесовме мерките за прогласување кризна состојба и можам слободно да кажам дека Северна Македонија беше една од првите земји во регионот, но и пошироко која што веднаш донесе мерки за справување со ценовните шокови кои што дојдоа однадвор, рече Бектеши.

Со средствата кои што Владата ги обезбеди за АД ЕСМ, потенцира, компанијата беше задолжена да ги набави потребните количини на гас, мазут, јаглен со цел да ги активира сите домашни капацитети за непречена испорака на електрична енергија до Универзалниот снабдувач ЕВН хоум, но и топлинска енергија до корисниците на парно.

-Овие мерки резултираа со многу помала корекција на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи која од почетокот  на годината се зголеми за  9,4 отсто додека цената на струјата на берзите бележеше рекорди, како и помали цени на топлинската енергија за корисниците на парно од реалната пазарна вредност, односно цената изнесува околу 20 отсто од пазарната, потенцира Бектеши и додаде дека во цела Европа имаше покачувања на цената на струјата од 20 до 30 отсто, а во Турција за цели 120 проценти.

Нагласи дека реалното зголемување на цената ќе беше многу поголемо  доколку Владата и АД ЕСМ не преземаа обврска да им помогнат на државните енергетски компании во наредниот период.

-Од 2018 година наваму од либерализацијата на пазарот на електрична енергија, ЕСМ се јавува како стабилизатор на цената на струјата, со поддршка на Владата.  Цената на струјата на берзите се движеше од 113 евра за мегават час во септември 2021 година до 315 евра во март 2022 година, со бројни осцилации, а во пик до 600 евра.  Во вакви услови цената на ЕСМ за струјата на граѓаните е само 41 евро за мегават час кон ЕВН хоум, посочи Бектеши.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски истакна дека изминатите седум месеци беа најтешките од постоењето на компанијата.

-Обврската за секојдневното менаџирање на енергетската криза и на кризата со топлинска енергија му беше доделена на АД ЕСМ и таа обврска ја прифативме и извршивме во целост. Успеавме да немаме ни еден ден рестрикции на струја и да нема намалено снабдување со електрична енергија. Сето тоа се разбира со голема поддршка од Владата, и финансиска и со поддршка на нашите политики, рече Ковачевски.

Прецизира дека за менаџирање на двете кризи, со електрична енергија и топлинската криза, од ноември до денеска од државниот Буџет на АД ЕСМ му се префрлени 171 милион евра од кои 85 милиони во 2021 и 79 милиони во 2022 година за справување со енергетската криза и речиси 6 милиони евра во 2022 година за справување со топлинска енергија. Од тие средства, како што кажа, речиси 6 милиони евра се искористени за набавка на гас, 2,7 милиони евра за јаглен, скоро 32 милиони евра за мазут, а 36 милиони евра за набавка на електрична енергија. На МЕПСО му се префрлени 12 милиони евра за повлечената енергија од европскиот систем.

-АД ЕСМ секој месец писмено ја информира Владата како се користат средствата од наменската сметка за кризата и заедно со Владата, премиерот и економскиот тим министри се креираат чекорите за менаџирање на состојбата, посочи Ковачевски.

АД ЕСМ, додаде, беше принуден да набави енергија во неколку месеци, пред се во ноември кога имавме пожар предизвикан од надворешни фактори на трансформаторот на РЕК Битола, поради што беше исклучен Блок 3 од мрежата од безбедносни причини.

-Понатаму во текот на зимскиот период наидовме на проблеми при набавка на мазут и на дополнителни количини јаглен, а предизвикано од енергетската криза поради која на пазарот не можеше навремено да се добават енергенси. Во одредени денови бевме присилени да го спуштаме нивото на производство и да дополнуваме со набавена енергија. Не се набави голема количина на енергија, но со оглед на енормниот скок на цените на берзите, таа енергија нас не чинеше многу, многу повеќе од тоа што биле одредени набавки по потреба во минатото, појасни Ковачевски.

Порача дека АД ЕСМ во време на енергетската криза го прошири својот обем на работа, интегрирајќи и други енергетски субјекти во својот систем, како ТЕЦ Неготино, ТЕ-ТО, менаџирањето со БЕГ и Скопје Север, снабдување на електрична енергија за системските загуби во мрежа на ЕВН и МЕПСО.

-При сите тие дополнителни обврски, успеавме целосно да го снабдиме ЕВН хоум со потребната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Денеска сакаме да објавиме дека ги завршивме договорите за деловно-техничка соработка со ТЕЦ Неготино и со ТЕТО. Во изминатите 3 до 4 месеци овие два капацитети многу помогнаа во системот и со нивното интегрирање во работењето на АД ЕСМ се заштедија 31 милион евра. Од денеска ЕСМ продолжува да снабдува само преку своите капацитети-два блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, гасната електрана КОГЕЛ Скопје, хидроелектраните и ветерниот парк. Со ова производство се задоволува конзумот на домаќинствата и малите потрошувачи, рече Ковачевски.

Нагласи дека продолжуваат да работат во нов режим. Тоа, како што кажа, значи дека капацитетите ќе произведуваат и оти ќе нема запирање за плански ремонти и зафати, како што вообичаено се прави по завршување на грејната сезона, туку сега ќе се функционира на начин во кој ќе се работи паралелно – и ќе се произведува електрична енергија и ќе се изведува санација или нега со минимални застанувања во производствениот процес процесот.

Најави дека АД ЕСМ ќе продолжи да инвестира во нови капацитети и со тоа, како што кажа, ќе ја зголеми инсталираната моќ од сега постојните 1.420 на 1.760 мегавати.