Бектеши се закани со укинување на царините за увоз на земјоделски производи ако трговците извезуваат прекумерно
Мерките кои до сега ги донесе Владата за ограничување на цените придонеле секое домаќинство да заштеди 2.070 денари, а со последната одлука за цените на пијалоците, тој износ ќе се зголеми на 2.400-2.500 денари, вели Бектеши

Министерството за економија би можело да предложи укинување на царинските давачки за увоз на земјоделски производи доколку трговците продолжат и натаму да ги извезуваат овие производи во голема мера и така да го нарушуваат домашниот пазар и да придонесуваат за зголемување на цените. Оваа предупредување го упати денес министерот за економија Крешник Бектеши кој покажа со прст кон несовесните трговци дека наместо да го снабдуваат домашниот пазар, приоритет ставиле на извозот. Тој нагласи дека целта на субвенциите кои што се слеваат во аграрот не е да се субвенционираат граѓани на други држави туку да придонесат за поголемо производство и пониски цени за домашните потрошувачи.
Инаку, според него, мерките кои до сега ги донесе Владата за ограничување на цените придонеле секое домаќинство да заштеди 2.070 денари, а со последната одлука за цените на пијалоците, тој износ ќе се зголеми на 2.400-2.500 денари.
„За трговците и тие кои го покриваат нашиот пазар и тие кои извезуваат имам една порака: Да не го имаат македонскиот пазар како резерва во делот на снабдување со овошје и зеленчук“, рече Бектеши.
Тој рече деак од јули до денес се забележува дека има зголемен извоз за одредени земјоделски производи, но тоа треба да биде во корелација со зголемено производство. Во одредени држави има недостиг на овие производи и наместо да го покриваат македонскиот пазар, трговците тие количини кои се произведени за нашиот пазар ги извезуваат.
„Дополнително на тоа, оваа Влада преку интервентниот план и редовните субвенции ги субвенционира директно земјоделците се со цел да го зголемат производството, но воедно да имаме и поконкурентни цени за нашите потрошувачи и нашите граѓани“, рече Бектеши кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски беше во посета на компанијата „Горска“.
„Владата и ние како Министерство за економија немаме намера да субвенционираме производи за други држави“, беше категоричен Бектеши, додавајќи дека намерата за субвенционирањето производи е за нашата држава.
„Ние не сакаме да се воведеме во ситуација тој геп, таа разлика што се прави, да бидеме обврзани да ја надополниме со увоз“, додаде Бектеши појаснувајќи дека моменталните царински давачки се и 65 отсто за одредени земјоделски производи.
Тој апелираше трговците да го пласираат на домашниот пазар количеството што е предвидено за тоа.
„Ако се прави спротивното ние како Министерство за економија нема да предложиме до Владата намалување на одреден процент на тие давачки, туку ќе предложиме целосно укинување на увозните давачки за земјоделските производи бидејќи наша цел е да го заштитиме животниот стандард на граѓаните, а тоа би го направиле со вакви одлуки во случај дополнително да се зголемува извозот наместо пласман на македонскиот пазар“, предупреди Бектеши.
Тој посочи и пример што се случува во делот на трговијата со зеленчук и овошје.
„Ако ги гледате статистичките бројки ќе забележите дека има зголемен извоз. Заради тоа што Владата субвенционира земјоделци, преку интервентниот план имаше дополнителни субвенции, во текот на претходната и оваа година. Но, одредена количина на производство, ако се 100 единици на пример, 80 единици е наменето за македонскиот пазар. Заради тоа што во Косово, Грција или други држави има недостиг на тие производи, тие 80 отсто нашите трговци ги намалуваат за снабдување на домашниот пазар и ги продаваат во Косово, Грција или во друга држава“, рече Бектеши, нагласувајќи дека „со субвенциите што ги даваме како држава и мерките што ги носиме, ние не сакаме да субвенционираме граѓани на други држави, туку тоа правиме за нашите граѓани, првично за земјоделците, а секако и за потрошувачите да имаат пониски цени“.
А, како што посочи, трговците заради одредени профити веднаш го применуваат најлесното за да добијат поголеми цени.
Инаку, денеска во Министерството за економија биле завршени анализите како се реализираат мерките и кое е нивното влијание во однос на потрошувачите и споредбено цените кои на 1 август биле во малопродажба и тоа што било на 20 септември.
„Речиси секое домаќинство во нашата држава има заштеда од околу 2.070 денари од сите производи кои се замрзнати од страна на Владата. Тука не влегуваат пијалаците, така што согласно нашите податоци и проекции заштедата би достигнала 2.400-2500 денари за секое домаќинство“, рече Бектеши.
Тој рече дека ова уште еднаш покажува дека одлуките на Владата се прават согласно конкретни податоци и имаат директно влијание врз животниот стандард на граѓаните, како и дека нема да се застане, туку ќе се продолжи со носење дополнителни мерки. (М.Ј.)