Бектеши: Се уште „не“ за помали плати на администрацијата, но „да“ за повисоки акцизи на горивата


Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека се уште не треба да се намалуваат платите на администрацијата, иако остави можност тоа да се случи во иднина, но не на начин како што беше предложено сите да одат на минималец. Од друга страна, тој се согласува со предлогот на Стопанската комора на Македонија за зголемување на акцизите на бензините за два или за три денари за литар.

„Се уште сме на ставот дека во моментов не треба да се направи такво кратење на платите во администрацијата, а секако не на целата администрација како што беше првичниот предлог, сите да одат на минимална плата“, рече денес Бектеши на прес конференција, одговарајќи на новинарско прашање.

„Ние ги следиме сите случувањата и приходите во Буџетот, но истовремено и расходите имајќи во предвид дека како Влада веќе усвоивме распределба на средства во Буџетот или мини ребаланс. И секако во зависност како ќе се реализираат приходите и расходите во наредниот период ќе се донесат соодветни одлуки со цел Буџетот да биде ликвиден, а и државата да може да ги исплати и пензиите и социјалните трансфери, но истовремено и платите во јавната администрација, како и да продолжи со продуктивните проекти што ќе даваат позитивен импакт врз економијата“, рече Бектеши.

Тој додаде дека откако е објавен вториот сет економски мерки, се нема состанато Економскиот совет на Владата во проширен состав, но дека секојдневно се прават анализи и се кординираат активностите меѓу министерствата во Владата и со кабинетот на премиерот.

Во однос на прашањето за зголемување на акцизите за дериватите и на изедначување цената на екстра лесното гориво и дизелот, Бектеши рече:

„Јас како министер надлежен за енергетиката ја видов анализата на Министерството за финансии. Имајќи ги предвид и трендовите на светските берзи, во моментов има економска оправданост да се зголеми акцизата за два или за три денари, но истовремено има и механизам кога ќе се зголемат цените, акцизата автоматски ќе се намалува“, рече Бектеши.

Тој додаде дека цените на бензините кај нас се значително пониски од оние во регионот. Така, во Албанија цената е за 37 денари повисока, во Косово за 28 денари, а во Србија за 33 денари повисока од Македонија.

„Ние не треба да се грижиме само за страната на расходите во Буџетот, туку и за приходите“, рече Бектеши. (М.Ј.)