Бектеши: Се размислува за дополнителна поддршка на угостителскиот сектор


Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека се размислува за дополнителни мерки кои би биле во насока на поддршка на угостителскиот сектор по најновата одлука за скратување на работното време до 18 часот.

– Веќе почнуваме да правиме дополнителни анализи колку оваа мерка би траела и дали би имало потреба да се продолжи или не. Секако дека на почетокот на следната година ќе размислиме за дополнителни мерки кои ќе се однесуваат на поддршка на угостителскиот сектор, имајќи предвид дека тоа сме го правеле и претходно со сите дејности кои со одлука на Влада биле затворени или им било скратено работното време, изјави Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција.

Најновата одлука на Владата за скратено работно време, како што посочи, ќе важи и за угостителските објекти во склоп на казината и обложувалниците.

– Сите угостителски објекти во склоп на казината, обложувачниците и на автомат клубовите не ќе можат да работат согласно последната одлука донесена од Владата. Во секој објект каде се служи храна, пијалоци и слично, треба да се почитува оваа мерка која важи за сите, рече Бектеши.

Засега, како што истакна, не се размислува за поригорозни мерки во други дејности.

Во однос на злоупотребите на финансиската помош што ја дава Владата направени од страна на работодавачи, Бектеши ја повика Управата за јавни приходи да поднесе кривични пријави против оние кои направиле злоупотреба. Според него, има механизми да се спречат ваквите појави.