Бектеши на министерски состанок за Јужниот гасен коридор во Баку


Министерот за економија, Крешник Бектеши придружуван од Бајрам Реџепи, директор на „Национални енергетски ресурси“ АД, денеска ќе присуствува и ќе се обрати на 8. Министерски состанок на Советодавниот совет на Јужниот гасен коридор што се одржува во главниот град на Азербејџан, Баку.

Како што соопшти Министерството за економија, министерот Бектеши ќе се обрати на пленарната сесија насловена „Јужен гасен коридор: достигнувања и проспекти-проширување кон нови енергетски пазари вклучително и Западен Балкан“.

На Министерскиот состанок обраќање ќе имаат азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, а свои излагања за плановите за проширување на испораката на гас во Европа и на Балканот ќе дадат и комесарот на ЕУ за енергетика Кадри Симсон, еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеи, како и високи претставници на САД, Албанија, Велика Британија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грузија, Хрватска, Италија, Унгарија, Црна Гора, Романија, Србија, Турција, Туркменистан и на Грција.

Јужниот гасен коридор, проект вреден 40 милијарди долари, минува низ 3.500 километри територија, од Баку до јужна Италија, преку Грузија, Турција, Грција и Албанија.

Главен извор на гас за системот е наоѓалиштето „Шах Дениз“ во Каспиското Море, со резерви од 1,2 трилиони кубни метри.

Со завршувањето на етапата I на јужниот гасен коридор во декември 2020 година, засегнатите страни испитуваат проширување на проектот на нови пазари, како што е Балканот и транзит на гас од други достапни извори, наведуваат од Министерството за економија.