Бектеши ќе чека Владата да се произнесе за платите на функционерите


Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека ќе ја поддржи секоја одлука на Владата во врска со платите на избраните и именуваните лица што станаа актуелни по одлуката на Уставниот суд со која се зголеми основицата врз основа на која тие ќе се пресметуваат.  

„Ќе поддржам секаква одлука која што ќе ја донесе Владата. Во јавноста излегуваат политичари кои сакаат да се покажат хумани и солидарни, дека ќе донираат процент од платата или тоа што е зголемено. Сакам искрено да кажам дека тој што сака да донира не треба тоа да го прави јавно, секој може самиот да поддржи семејства кои имаат потреба или одредени категории граѓани“, рече Бектеши.

„Каква ќе биде одлуката на Владата, јас ќе дадам целосна поддршка, но според мене не треба да искористиме вакви моменти за да се покажеме многу хумани и да добиеме политички поени“, додаде тој.

Бектеши посочи дека тоа е одлука на Уставен суд, а не на Владата и со одлуката не се опфатени само членовите на владата, во овој случај министрите и замениците министри, туку сите именувани лица.