Бектеши и Ковачески ги анализираа енергетските проекти, во фокус еколошките мерки


Проектите во фаза на реализација, како и идните планови и инвестиции во енергетскиот сектор, беа тема на разговор на работниот состанок на министерот за економија Крешник Бектеши со генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачески што се одржа денеска во просториите на Министерството за економија на барање на директорот на АД ЕСМ.

Министерот Бектеши информираше дека Министерството за економија во соработка со АД ЕСМ во наредниот период ќе работи на реализација на проекти предвидени во делот на обновливите извори на енергија, пред се изградбата на фотонапоските централи во термоелектраната Осломеј и РЕК Битола.

-Со директорот денеска разговаравме за неколку проекти кои се во тек. Заедно заклучивме дека преку разговори и споделување на мислења, идеи и сугестии на сите институции може да направиме АД ЕСМ да биде уште поуспешна државна компанија, со исполнување на сите еколошки стандарди согласно европската регулатива. Како Влада почнавме да ја промовираме новата еколошка мерка за субвенционирање на инвертори за греење, која што ќе се спроведува преку АД ЕСМ. Мерката како пилот проект ќе почне да се спроведува во четири градови во Република Северна Македонија, кои се најзагадени, Скопје, Кичево, Битола и Тетово, изјави министерот Бектеши по средбата.

Тема на разговор беа и мерките за енергетска ефикасност кои што се реализираат преку Министерството за економија, како и новата мерка на Владата за субвенционирање на инвертери за греење која што е предвидено да се реализира преку АД ЕСМ.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачески истакна дека целта на состанокот со министерот Бектеши била изнаоѓање начини и преземање чекори за забрзување во спроведувањето на одредени проекти битни за државната енергетска компанија.

-Како ЕСМ побаравме поддршка од Министерството за се забрзаат административните процедури во насока на добивање дозволи и концесии за продолжување  на работата во РЕК Битола и РЕК Осломеј. Зборувавме и за обновливите извори за енергија, поточно за двете фотонапонски електрани кои се предвидени да се градат во Осломеј, првата од 10 мегавати и потоа уште 10 мегавати и втората 20 мегаватна фотонапонска електрана во РЕК Битола. Стана збор и за можноста во иднина да се изградат дополниелни фотонапонски електрани во Осломеј со моќност од околу 100 мегавати што би се граделе преку јавно-приватно партнерство, рече Ковачески.

На средбата, додаде, стана збор и за ветерните паркови во Богданци и Миравцки и за постапката за Чебрен која треба да отпочне, како и за писмото што АД ЕСМ  го испрати до Бугарија со кое се искажува интерес за учество во проектот за изградба на нуклеарната електрана Белене